Преку законски измени и нови акции и обврзници до дополнителни средства за финансирање на компаниите

92

Перспективите на македонската економија и на економиите од регионот, можностите и предизвиците пред кои се исправени компаниите, развојот на пазарот на капитал, трендовите во дигиталната трансформација на компаниите, како и други теми од областа на финансиите и на берзите ќе бидат во фокусот на дискусиите во рамките на Дваесет и четвртата конференција на Македонската берза, која, традиционално, се одржува во Охрид.

Главниот и извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев, пред почетокот на собирот истакна дека во текот на првите три квартали од оваа година прометот на берзата бил на ниво на ланскиот, од некаде сто милиони евра, што, според него, е добро постигнување.

– Ценовните движења продолжија со бавен пораст, главниот берзански индекс МБИ10 оваа година е пораснат за 2,5 проценти и расте во континуитет. Ако ја споредиме неговата вредност со онаа од предпандемската 2019 година, тој е пораснат за 125 проценти, што е одлична перформанса. Тоа покажува дека иако живееме во време на геополитички турбуленции, одредени макроекономски предизвици, берзите и инвеститорите се резистентни и не се одразува тоа негативно врз нивното работење – рече тој.

Штериев уште посочи дека прашањето на иницирање нови јавни понуди и издавање нови хартии од вредност е главен развоен предизвик и за националната и за другите берзи во поширокиот регион.

– Нашето мислење, како берза, е дека за тоа е потребна координација на повеќе институции, вклучувајќи ги тука државата, приватниот сектор, коморите… Треба да се стимулираа таа работа, бидејќи банкарското работење кај нас е релативно лесно. Банкарскиот сектор е хиперликвиден и тоа, во услови на нормални околности, е доволно за компаниите. Но, компаниите треба да имаат предвид дека во услови на шокови, треба да има поголема капитализираност на компаниите. Оттаму, во таа насока, потребна е комбинација на едукација, стимулации, со потсетување дека не секогаш е добро да се зависи од должничкото финансирање – рече тој.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, зборуваше дека државата и ресорното Министерство активно работат на заживување на пазарот на капитал во земјата, како потенцијален извор на финансии, пред сè за компаниите што потешко имаат пристап до традиционалното финансирање, односно до банкарскиот сектор.

– Потешко преку банкарскиот сектор се обезбедуваат финансии за иновации, кои секогаш се сметаат за поризични. Токму од тие причини беше потпишан меморандум со седум држави од регионот, членки на ЕУ, со цел интегрирање на пазарите на капитал во Југоисточна Европа. Земјите потписнички на документот ќе се обидат да координираат заеднички регионален пристап во разговорите со европските институции. Тоа е значајно оттаму што македонскиот пазар, иако стабилен, е релативно мал, често недостига ликвидност, а тоа е клучен фактор кога бараат компаниите долгорочни средства. Со поврзувањето на пазарите, им се дава шанса на помалите и на средните претпријатија полесно да дојдат до капитал, да ја зголемат конкурентноста и да најдат партнери надвор од границите на државата. На тој начин не само што јакне пазарот на капитал туку и се поттикнува економијата да расте побрзо и поодржливо – рече таа.

Во периодот што следува, како што посочи, преку промени во даночната легислатива, но и со заедничко работење со Македонската берза преку издавање акции и обврзници, ќе успееме да обезбедиме дополнителни средства за финансирање на компаниите.

За конференцијата во Охрид, таа истакна дека е место каде што се спојуваат новите знаења со искуството, каде што се врши размена на искуства, се раѓаат идеи што подоцна се претвораат во реални проекти.

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, говореше за растечката глобална неизвесност и за нејзините импликации врз малите и врз високоотворените економии, како што е македонската. Тој истакна дека во постпандемскиот период, трговската отвореност на нашата економија во просек достигнала околу 150 % од БДП, што ја зголемува чувствителноста на промени во надворешното опкружување. Според него, во моментов најизразена е неизвесноста поврзана со новите трговски политики на САД и со потенцијалните реципрочни мерки од големите светски економии. Иако директната изложеност кон американскиот пазар е мала, индиректните ефекти преку намалување на побарувачката во ЕУ не се занемарливи. Дополнителна загриженост отвораат можните ефекти врз глобалната инфлација, преку синџирите за снабдување и инфлациските очекувања.

Славески посочи дека Народната банка ќе продолжи да ги унапредува своите капацитети за справување со предизвиците и дека, иако не може да се отстрани сета неизвесност, навременото поставување на вистинските прашања е клучно за пронаоѓање појасна насока за иднината.

На годишните конференции на Македонската берза учествуваат стотици претставници на повеќе сегменти од финансискиот сектор, институции на пазарот, компании и државни органи, како и сите други субјекти чија дејност е поврзана со работењето или со инвестирањето во хартии од вредност. Тие се добра можност финансиските институции да ги развиваат стратегиите во работењето, за подобрување на ефикасноста, следење на светските текови и трендови.

ИЗДВОЕНИ