ПРЕКУ МАИЛ СО ПОТПИС НА ДИРЕКТОРОТ НА БЈБ СЕ ВИКААТ ГРАЃАНИ НА РАСПИТ ВО СТАНИЦА

МВР предупреди на нова измама

192
Со лажни покани, наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, повеќе граѓани биле повикани во полициска станица на распит или да го достават својот мејл, во рамки на истрага за „низа кривични дела, како што се детска порнографија, педофилија и трговија со дрога“. Од МВР ги предупредуваат граѓаните дека станува збор за интернет измама и да не ги даваат своите податоци.

„МВР ја известува јавноста дека до неколку граѓани, од страна на сторители кои лажно се претставуваат во име на директорот на БЈБ, се упатени лажни покани во врска со наводна тековна истрага. Во пораките се даваат насоки за 24 часа да се оди до полициска станица или да се испрати повратен е-маил бидејќи наводно примачот на пораката е предмет на кривични истраги за низа кривични дела, како што се детска порнографија, педофилија и трговија со дрога.  МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажни пораки кои не се испратени од страна на Бирото за јавна безбедност при МВР. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните, со цел нивна понатамошна злоупотреба, стои во соопштението на МВР и нагласуваат дека покани до граѓаните за истражни постапки од полицијата не се испраќаат преку е-маил адреси.

Апелираат до граѓаните да не отвораат ваквите пораки и да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци кои ги бараат измамниците.

„ Граѓаните да не ги отвораат линковите и датотеките кои се испратени во прилог на било која електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер“, апелираат од МВР. Од полицијата за весникот ВЕЧЕР велат дека се во потрага на измамниците. Објаснуваат дека целта на измамите била со личните податоци да се дојде до нивните платежни картички.

„По добиените пријави постапено е веднаш, при што испратено е барање до меѓународниот интернет сервис провајдер со цел прибавување електронски докази во однос на маил адресата од која се испратени сите измамнички пораки кон граѓаните. Сторителите на овие дела тешко се откриваат поради софистицираните методи кои ги користат како и алатки за прикривање на нивната локација. Целта на оваа измама е да се соберат лични податоци од граѓаните и воедно податоци од нивните платежни картички“, стои во одговорот на МВР. (П.А)

 

 

ИЗДВОЕНИ