Ставен е во употреба интегрираниот информациски систем за шуми ИФИС со кој се дигитализира македонскиот шумарски сектор и им се става крај на застарените процеси базирани на хартија.
– Ова означува значаен пресврт од застарените процеси базирани на хартија кон целосно дигитален пристап базиран на податоци. Со ИФИС, градиме поодговорен систем за шумарството – изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
ИФИС-системот е дел од проектот финансиран од Европската Унија и служи за следење на тековите на дрвјата, следење на шумските пожари, мапирање на биодиверзитетот и поддршка на ефикасното планирање на шумите.
– Овој проект е доказ за нашата заедничка посветеност, на Владата и на Европската Унија, да изградиме шумарски сектор што е модерен, транспарентен, усогласен со стандардите на ЕУ и одржлив за идните генерации. Како министер, ве уверувам дека Министерството ќе продолжи да го движи овој процес напред, во партнерство со експерти, институции, за да се обезбедат долгорочна одржливост, конкурентност и кредибилитет на шумарскиот сектор. Процесот на реформи продолжува – рече министерот Трипуновски.












