„Капиталните проекти кои беа со години заглавени или оставени на половина пат се одново започнати, а ќе бидат целосно финализирани во периодот што следува. Со тоа, тие ќе станат не само заштитени вредности туку и основа за нов развој на културниот туризам“, посочи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на вчерашниот отчет по повод една година Влада

 

Реконструкција на Аквадуктот во Скопје, спомен-куќата на Лазар Личеноски, Шалтер-салата, Скопското кале, како и Светиклиментовиот универзитет на Плаошник… се само дел од конкретните капитални проекти од областа на заштитата на културното наследство на кои во моментов активно се работи и за кои се обезбедени потребните средства. Ова, меѓудругото, го истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на вчерашната прес-конференција по повод една година од Владата, при што ги објави проектите кои беа реализирани во овој период од сите области на културата, но и на кои во моментот се работи, а треба да бидат завршени во наредниот период.

Како што истакна Љутков: „Капиталните проекти кои со години беа заглавени или оставени на половина пат се одново започнати, а ќе бидат целосно финализирани во периодот што следува. Со тоа, тие ќе станат не само заштитени вредности туку и основа за нов развој на културниот туризам“. Меѓу овие проекти се и конзервација и санација на покривот и фасадата на црквата „Св. Кирил и Методиј“– Струмица и Санација на покривот на манастирот „Св. Леонтиј“ во Водоча, како и Спомен дом во Разловци, Трескавец, Лешочки манастир, целосна заштита на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, Универзална сала, Стар театар во Струмица… Посебна гордост, според Љутков, е што археологијата конечно доби третман каков што заслужува, преку активни истражувања на клучни локалитети, како Корошишта, Била Зора, Манчевци, Баргала – Штип, Стибера – Прилеп и Тумба Маџари. Ова како што вели, е инвестиција и во науката, но и во националниот идентитет.

„Денес, кога ја одбележуваме првата годишнина од нашата работа во Министерството за култура и туризам, не зборуваме за исполнување на тековни обврски или административни извештаи, туку за целосно ресетирање и рестартирање на културата и туризмот. Го зголемивме буџетот за областите и активностите од културата за 2025 за 55 милиони денари. Видно зголемување на Буџетските програми имаше во Драмската дејност за 40%, Меѓународна и Заштита на аудиовизуелните добра за 30%, потоа, Визуелните уметности, архитектура и дизајн, Библиотечна, како и Издавачка дејност за 25%. За првпат воведовме делегирани буџети за 18 установи, по 8 години повторно објавивме Конкурс за креативните и културните индустрии на кој се поддржани околу 70 проекти и манифестации, кои треба да се реализираат во наредните 4 месеци…“, додаде министерот Љутков. Тој посочи дека годинава се донесени и посебни акти кои се поврзани со постапката за спроведување на Годишните конкурси, како основа за транспарентна и квалитативна распределба на средствата, а работено е и на  зајакнување на продукцијата во нашите национални установи… На 160 уметници, пак, додава, трајно е уреден работниот статус преку трансформација од определено на неопределено време.
„2025 е година во која Македонија го одбележува 80. јубилеј од кодификацијата на современиот македонски јазик и усвојувањето на правописот. Во тој контекст се реализира годишна програма за одбележување на овој јубилеј…

Преку Министерството, во моментов се реализираат и 4 капитални проекти на општините од областа на културата кои се во тек на реализација. Меѓу нив се реконструкција и санација на објект на Дом на култура ‘11 Октомври‘ во Општина Гази Баба, реконструкција со пренамена на Стоковната куќа во мултифункционален и културен центар со музејска поставка во Радовиш, партерно уредување со комплетна замена на подземна инсталација на две улици, како и конзервација, реставрација и реконструкција на дуќаните во Старата чаршија во Гевгелија…“, додаде вчера Љутков. (Д.Т.)

Дополнителни 155 милиони за туризам и 145 милиони денари за Агенцијата за филм

„Согласно со ребалансот на буџетот за 2025, обезбедивме дополнителни 155 милиони денари за субвенции и поддршка на туризмот, како и 145 милиони за Агенцијата за филм. Исто така, со измената на законот за игри на среќа, кој е во владина процедура, за развој на туризмот ќе се добиваат 4%, а исто така и Агенцијата за филм ќе добива 3% од уплатените давачки за игри на среќа. Овие дополнитилни средства претставуваат силен инпут за развој на овие два сектора“, истакна Љутков. Во областа на туризмот, според Љутков, во изминатиот период е започнато спроведување на серија институционални, реформски и организациони мерки со цел подобрување на функционалноста и координацијата во туристичкиот сектор.

„Во напредна фаза е процесот на преземање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, со што се создава единствена адреса за сите прашања поврзани со туризмот во земјата. Со екипирање на два нови сектори за туризам во рамки на Министерството се консолидира системот и се создава поврзана и функционална институционална целина што ќе одговори на реалните потреби на туристичкото стопанство. Овој чекор е дел од поширока стратегија за институционална ефективност и подобрување на услугите што ги добиваат чинителите во туризмот. Преземени се активности и се формираат работни групи со претставници од приватниот туристички сектор со цел креирање на ефективна развојна програма за 2026, со фокус на одржливи форми на туризам, со активна промоција на културниот и транзитниот туризам“, рече Љутков.

ИЗДВОЕНИ