Најмалку три века ќе бидат потребни повеќе од 9.000 иселеници од Македонија што сега, најмногу, живеат во Турција да добијат македонски државјанство и пасош доколку процедурите одат со сегашното бавно темпо. На ова неодамна предупреди народниот правобранител, Насер Зибери, на презентацијата на Годишниот извештај за минатата 2024 година, во кој се предупредува дека бавно оди решавањето на поднесените барања за македонско државјанство. Се работи за остварување на правото што им било дадено на нашите иселеници во 2021 година, со измените во членот 8 во Законот за државјанство, со кои се предвидува можноста иселениците и нивните потомци до прво колено да се стекнат со македонско државјанство. Ваквата можност предизвика најголем интерес кај нашите сонародници во Турција, каде што има бројна заедница на граѓани припадници на турската етничка заедница. Тие порано живееле во Македонија, најмногу во подрачјето на Тиквешијата, Овче Поле, Велешко, Прилепско, Радовишко, околу реката Брегалница, но и по големите градови и се иселиле во шеесеттите години од минатиот век. Проценките се дека во текот на неколку повоени децении, во Турција заминале околу 200.000 граѓани, кои претходно биле родени и живееле тука. Но, и покрај поднесените барања, кои преку македонските дипломатски претставништва во Анкара и во Истанбул почнуваат да стигнуваат во Македонија од 2022 година, тие сè уште не може да го остварат даденото законско право. Проблемот е што надлежните институции што решаваат за барањата за македонско државјанство какви што се МВР и Агенцијата за национална безбедност, премногу бавно се изјаснуваат за пристигнатите молби.
-АНБ не го почитува законски предвидениот рок од шест месеци за изготвување мислење за безбедносна проценка на барателите што, пак, претставува неопходен услов за конечно завршување на постапките за прием и отпуст од државјанство. Народниот правобранител констатира дека се повторува ситуацијата од претходните години, односно постапките за добивање државјанство, особено на подносителите иселеници од Република Турција, најчесто се одолжуваат, бидејќи „не се во можност да дадат мислење за барателот“, а како причина се наведува дека немаат доволно податоци за апликантите – се наведува во извештајот на народниот правобранител за минатата година.
Таму се наведува дека до лани биле примени околу 9.000 барања за прием во македонско државјанство, од кои позитивно било решени само 30! Доколку и во наредниве години се продолжи со вакво темпо ќе произлезе дека за решавањето на сите барања ќе бидат потребни цели 300 години. Инаку, во 2023 година, пак, биле пристигнати 5.000 барања од Турција и тоа најмногу од лица што потекнуваат од Велес, Гостивар, Радовиш, Валандово, Скопје и Тетово, но позитивно биле решени само 22.
– За најголем број од предметите, сè уште не е изнајдено соодветно решение. Народниот правобранител, во неколку годишни извештаи наназад, истакнува дека АНБ не ги доставува навремено мислењата до Одделот за граѓански работи при МВР, за безбедносниот ризик за лицата баратели на државјанство, што претставува клучен услов за добивање државјански статус во Македонија, па најчесто од тие причини постапките за прием во државјанство се одолжуваат и по 5 години – наведува народниот правобранител во своите досегашни извештаи.
И Сали Мурат, поранешен претседател на Уставниот суд, сега пратеник од партијата Движење на Турците на Македонија за правда и демократија, кое е член на опозицискиот Европски фронт, вели дека проблемот е сериозен.
– Се работи за неадекватно постапување на институциите, кои имаат рокови што мора да ги почитуваат и да се изјаснат. Тие луѓе од Турција бараат македонско државјанство најчесто од носталгични причини. Бројот, според моите сознанија, постојано расте и сега е веќе 12.000-13.000 барања. Јас поставив и пратеничко прашање за овој проблем, но не бев задоволен од одговорот и планирам пак да прашам. Не може да трае тој процес со години и децении. На тие граѓани им се повредува уставно право, бидејќи институциите се должни да ги почитуваат законите – вели Мурат во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Тој додава дека со добивањето македонско државјанство, тие луѓе ќе бидат повеќе поврзани со Македонија, а би се зголемила и деловната соработка.
Според сознанијата, нашите сонародници во Турција се заинтересирани за македонски пасош и од причина што многу полесно се патува со него и во други земји, споредено со можностите што ги дава турскиот пасош. (Б. Ѓ.)