Во изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, кои ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, во декември 2025 година биле ангажирани 2.098 работници и користена е 1.269 единици опрема, покажува извештајот за прогрес на работите објавен на веб-страницата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Според извештајот, во декември, на изведувачот му се исплатени 1.180.803.394 денари (околу 19,2 милиони евра).
На терен се изведувале земјени работи на делниците Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола. Работите опфаќаат расчистување на теренот, отстранување на хумус и ископ на неподобен материјал, ископ од засеците на трасата, како и обезбедување материјал преку транспорт и насипување. На места каде е потребно, вршени се и мерки за заштита на косините. Заклучно со крајот на 2025 година, изведени се над 5 милиони кубни метри ископ и 1,6 милиони кубни метри насип.
Извештајот посочува дека во декември се работело и на 11 моста, 10 натпатници и 4 потпатници. До крајот на минатата година, изведени се 21.350 метри коловоз, а за конструкции се искористени 63.000 кубни метри бетонски работи.
Во текот на 2025 година, на конзорциумот „Бехтел и Енка“ му се исплатени вкупно 147 милиони евра, додека за 2026 година се планирани 103 милиони евра за продолжување на градежните активности.












