Трошоците на живот од месец на месец растат. Затоа мора да растат и платите, особено оние најниските кои со последното усогласување се закотвени на 24.800 денари. Според податоците што ги исфрли Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), околу 170 илјади работници, што е една третина или 33,1 проценти од работниците во земјава, примаат плата под 30.000 денари или под 500 евра.
– Загрижува фактот што близу 169.082 работници, примаат плата под 30.000 денари или под 500 евра. Со одбивањето да се зголеми минималната плата, од страна на Владата, газдите и Парламентот, се прави директна штета на 169.082 работници и нивните семејства кои ниту со две плати не можат да си дозволат ниту да ги обезбедат најосновните услови за живот за своите семејства согласно вредноста на Синдикалната минимална кошница што е загрижувачки. Во Македонија оние кои живеат добро со примања над просечната плата (функционерите, политичарите, газдите и експертите) се против зголемување на минималната плата, односно малцинството владее со мнозинството – велат од ССМ.
Деновиве беше објавена просечната плата во Македонија, која за јуни изнесуваше 45.468 денари (740 евра) и во однос на мај била повисока за 8,4% Според пресметките на ССМ токму во мај73,3% од работниците земале плата под просечната, а само 26,7% над просечната плата.
– Пресметките покажуваат дека две минимални плати се малку за да се покријат основните месечни трошоци на едно семејство. Вредноста на минималната потрошувачка кошничка во јули изнесува 65.328 денари и во споредба со јуни е зголемена за 630 денари – велат од ССМ.
Од Владата остануваат на ставот дека зголемувањето на минималната плата треба да се реши на Економско-социјалниот совет и дека само со конструктивен разговор може да се донесе решение што Владата ќе го почитува.
Просечна плата во Србија е 900 евра, во Германија 3.000 евра
Во соседна Србија просечната нето плата – пресметана за работа со полно работно време – е малку повисока од 900 евра, додека во Германија бруто износот е околу 4.700 евра. Бидејќи даночниот систем е покомплициран, тешко е да се каже колку е нето во просек, па се претпоставува дека е околу 3.000 евра – за вработен со полно работно време. Кај нашиот северен сосед се најавија нови „чудесни“ економски мерки за повисок животен стандард на граѓаните.
Српскиот претседател Александар Вучиќ презентирајќи го пакетот мерки, најави ограничување на маржите (заработката) на најголемите малопродажни синџири во земјата за три илјади производи, како и намалување на каматните стапки за готовински и потрошувачки кредити. Тој посочи дека намалувањето на маржите од 45,2 на 20 проценти првенствено ќе се однесува на прехранбени и хигиенски производи.
Според него, четири синџири супермаркети генерираат 51% од вкупната малопродажба, а 48% од минималната плата се генерира со продажба на храна и безалкохолни пијалаци. Зборувајќи за ограничување на маржите, тој покажа кошници со разни производи чии цени треба да бидат пониски.
– Ова се чудесни мерки што ќе ја зголемат вкупната потрошувачка и ќе им користат на обичните, посиромашни луѓе – рече Вучиќ.
– Ако требаше да ја погледнеме само куповната моќ за храната и безалкохолните пијалаци, со германска плата може да се купи околу три пати повеќе од српската плата – пишува „Дојче веле.“
Критериумите за ваучерите ги дискриминираат малите и средни претпријатија
Условот од мерката на Владата за доделување ваучери во износ од 250 евра за студентите за набавка на лаптопи или таблети, според кој компаниите треба да имаат најмалку две експозитури на територијата на државата, од Стопанската комора на северо-западна Македонија (СКСЗМ) го оценуваат како дискриминаторски критериум.
Тие сметаат дека овој услов ги исклучува поголемиот дел од малите и средни претпријатија, кои во најголем број случаи функционираат само со една експозитура, но сепак нудат квалитетни и професионални услуги и создава нелојална конкуренција, ставајќи ги во привилегирана положба само поголемите оператори.
– Ги повикуваме надлежните институции да ги преиспитаат условите од јавниот повик и да овозможат еднаков пристап за сите компании, со цел да се избегне создавање на нелојална конкуренција и да се обезбеди правичен третман за сите економски оператори – се вели во реакцијата од оваа комора.
Австрија тужи четири синџири супермаркети, се сомнева дека манипулирале со цените
Австриското Министерство за социјална политика е сомничаво во однос на транспарентното прикажување на намалените цени на храната во четири синџири супермаркети дека не ја исполнуваат својата обврска да ја прикажат најниската споредлива цена во последните 30 дена. Во многу случаи, на клиентите им е нејасно дали штедат пари со купување на артикл за кој е наведено дека е на распродажба.
– Забрането е да се продава кафе како да е намалено за 50%, од 14 на 7 евра, кога пред две недели чинеше 6 или 7 евра“, изјави Петра Леуполд од Здружението за информации за потрошувачите.
Австрискиот весник „Стандард“ пишува дека ваквите практики се вообичаени во супермаркетите. Леуполд истакна дека ова прашање е уште порелевантно бидејќи многу луѓе купуваат артикли на распродажба поради инфлацијата. Покрај тоа, прехранбените производи со попуст сочинуваат значителен дел од вкупната потрошувачка. Соодветно на тоа, ова министерство одлучи да поднесе тужба против гореспоменатите малопродажни синџири.
Во Германија пак, маржите на трговците на мало во Германија се 25%. Економскиот весник „Ханделсблат“ наведува дека „Лидл“ во таа земја ги намалил своите маржи од 26,5 на 23,7 проценти минатата година. Според „Дојче веле“, цените во Германија се повисоки отколку во Србија, но дека „изгледаат сосема поинаку кога платите се вклучени во пресметката“.
(С.Бл.)