Управата за јавни приходи (УЈП) во следните денови ќе преземе законски мерки за присилна наплата на месечните аконтации за данок на добивка и исплатата на јулските плати со придонеси кај оние даночни обврзници што не си ги исполниле обврските. Од УЈП утврдиле дека станува збор за значителен број неплатени обврски.
– Вкупно 2.129 даночни обврзници не извршија плаќање на месечната аконтација за данок на добивка за јули 2025 година, а кај 11.555 обврзници не е евидентирана исплата на брут-плати и социјални придонеси за истиот месец. Дел од неплатените аконтации може да бидат подмирени преку пребивање со даночни побарувања, но тоа не ги исклучува законските обврски и потребата тие да се сервисираат во рок – нагласуваат од УЈП.
Оттаму информираат дека на 19 август доставиле персонализирани известувања до сите обврзници со неплатени обврски и апелираат веднаш да го извршат плаќањето.
– Овие средства се дел од јавните приходи кои им припаѓаат на граѓаните и обезбедуваат редовно финансирање на буџетските потреби, здравството, образованието и социјалната сигурност – велат од УЈП.