Еден од најбараните виолончелисти на денешницата, Даниел Милер-Шот од Германија, вчеравечер беше дел од концертната програма на фестивалот Охридско лето“ изведувајќи дела од композиторот Јохан Себастијан Бах.

Тој е присутен на сите големи концертни подиуми и веќе неколку децении ја одушевува публиката како голем амбасадор на современата музика преку неговите идеи за обединување на музиката, литературата и визуелната уметност.

-Настапот на „Охридско лето“ значи многу за мене. Првпат сум во Охрид, вторпат во Македонија. Во Охрид преубава е природата, но и луѓето се извонредни, така што едвај чекав да ги споделам звуците на виолончелото со публиката, рече виолончелистот Милер-Шот.

Неговиот репертоар  вклучува бројни дела од барокот, па сè до новосоздадени современи дела. Особено е посветен на проширувањето на репертоарот за виолончело преку сопствени аранжмани и преку соработки со современи композитори. Честопати сам ги претставува концертите и ги пишува текстовите за неговите бројни ЦД-а. На неговиот фестивал во Вевеј креира програма која ги вклучува делата на Бах придружувани со танцова кореографија во обид на визуелен начин да ја „преведе“ музиката.  Неговите соработници за камерна музика ги вклучуваат: Кит Амстронг, Рено Капусон, Вероника Еберле, Џулија Фишер, Џанин Јенсен, Сабине Мејер, Нилс Монкемејер, Ан-Софи Мутер, Франческо Пјемонтеси, Емануел Тјекнавориан, Симон Трпчески, како и квартетот „Модиљани“ и др.

За него и за неговиот инструмент се напишани голем број дела.

-Почестен сум што неколку композитори сакале да напишат дела за мене и за мојот инструмент, и уживам во изведување на музиката од наше време и во работењето со моите пријатели, композитори,музичари. Се радувам што даваме живот на нова музика  бидејќи е жив процес. Но исто така мислам и дека постарата музика како Бах треба да се свири како прва изведба бидејќи за многу луѓе кои не ја слушнале оваа музика  на некој начин е и современа музика која се трансформира во времето пред 300 години и сите уживаат во неа, додаде германскиот уметник  Милер-Шот кој свири на виолнчелото „Екс Шапиро“ изработено од Матео Гофрилер во 1727 година.

Оваа концертна сезона меѓу другото вклучува негова турнеја низ Германија со пијанистот Јан Лисецки и оркестарот „Ст. Мартин ин д филдс“, настапи со виолинистката Џулија Фишер, како и концерти со Камерниот оркестар на Концертгебау, Филхармонијата во Хелсинки, Оркестарот на шпанската РТВ и др., како и серија камерни концерти со пијанистот Давид Фре.  Оваа година, Милер-Шот има уметничка резиденција на Фестивалот на Камерниот оркестар во Цирих, а на Фестивалот Мекленбург – Форпомерн одбележува 30 години од првиот настап.

 

 

ИЗДВОЕНИ