Прекрасен мурал во битолската Зоолошка градина

27

Учениците од ОУ „Елпида Караманди“ преку нивната уметничка визија, водени од  креативноста и љубовта кон природата, создадоа прекрасен мурал во битолската Зоолошка градина.

Градоначалникот на  Општина Битола, Тони Коњановски, директорката на училиштето и дел од наставниот кадар, ја посетија Зоолошката градина и со директорот на оваа јавна установа, го промовираа новото уметничко катче, создадено од младите битолчани. Под водство на нивната наставничка по ликовно образование, учениците изработија шарен и инспиративен мурал, на кој заедно со сите присутни оставија и свои отпечатоци од раце во боја, симболизирајќи грижа, заедништво и љубов кон животните и животната средина.

За време на посетата на Зоолошката градина, претставниците на локалната самоуправа, предводени од градоначалникот, заедно со директорот на Зоолошката градина, разговараа за тековните активности и планови за идниот развој на овој значаен простор. Во фокусот беа двата нови проекти кои ќе се реализираат со поддршка од Унгарскиот кредит преку Владата на Република Македонија – изградба на ново живеалиште за копитари во вредност од 9.634.336 денари и изградба на современ терариум во вредност од 8.994.667 денари.

Овие инвестиции се дел од заложбите на Општина Битола за подобрување на условите во Зоолошката градина, создавање на современ простор за животните и овозможување на поквалитетно, едукативно и забавно искуство за сите посетители.

 

ИЗДВОЕНИ