Во Владата на Македонија беше потпишан меморандум за соработка со Република Србија. Меморандумот беше потпишан од вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, и од српската потпретседателка на Владата и министерка за економија, Андријана Месаровиќ.
Меморандумот за соработка меѓу владите на Македонија и на Србија е петгодишен и стапува во сила веднаш.
Станува збор за меморандум со кој ќе се унапреди комуникацијата меѓу институциите и приватниот сектор, ќе се координираат економските политики, а акцентот ќе биде ставен на инфраструктурното поврзување и на соработката на проекти од заеднички интерес, како што е модернизацијата на железничката и на патната инфраструктура.
– Со потпишувањето на меморандумот, кој веднаш стапува во сила и останува важечки пет години, се потврдуваат јасната политичка волја и заедничката определба на двете влади за интензивирање на економската соработка и за отворање нови можности за бизнис-заедниците – велат од кабинетот на заменик-претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците.
Претходно, вицепремиерот Стоилковиќ и српската министерка за економија, Месаровиќ, остварија заедничка средба на која беше разговарано за билатералната соработка и за нејзиното интензивирање.
Стоилковиќ и Месаровиќ оценија дека потенцијалот за соработка меѓу двете држави е голем, особено во делот на прехранбената индустрија и дека тенденцијата е да се зголеми размената.












