ПРЕГРУПИРАЊЕТО ВО АЛБАНСКАТА ОПОЗИЦИЈА ЗАСЕГА БЕЗ ЕФЕКТ ВРЗ ПАРЛАМЕНТАРНОТО МНОЗИНСТВО: Патот до Бадентеровото мнозинство поплочен со ултиматуми

Откако лидерот на крилото на Алијанса за Албанците постави три услови за влез во владиното мнозинство: уставни промени, замена на терминот „20 проценти“ со „албански јазик“ и Уставниот суд да носи одлуки по Бадентер, премиерот Христијан Мицкоски одговори дека „не работи под ултиматуми или условувања“. За да се овозможи усвојување на системските закони со примена на Бадентеровиот принцип на гласање, на парламентарното мнозинство му се потребни шестмина пратеници од немнозинските заедници. Сега е прашање каква ќе биде реакцијата на четворицата пратеници на АА на Зијадин Села што досега не се изјаснија за условите за влез во парламентарното мнозинство

368

Условувањето на лидерот на крилото на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, за влез во владината коалиција не се прифаќа од премиерот Христијан Мицкоски. Со тоа, сè уште не се обезбедени услови за создавање Бадентерово мнозинство во македонското Собрание, кое е потребно за да се усвојуваат повеќе системски закони во следниот период, а кои се важни во процесот на евроинтеграција на земјава. Села вчера соопшти дека ја напушта изборната коалиција НАИ на чело со ДУИ и дека неговата структура ќе дејствува самостојно, при што јавно ги кажа условите за евентуален влез во владиното мнозинство.

– Нема да седнам да разговарам за влез во владината коалиција доколку таа претходно не прифати уставни измени за откочување на евроинтегративниот процес, замена на терминот „20 проценти“ со „албански јазик“ и Уставниот суд да носи одлуки по Бадентер. Ова нека биде сфатено како моја порака до Владата – изјави Села за медиумите.

Влезот на структурата на АА на чело со Села и на нејзините четворица пратеници во владиното и во парламентарното мнозинство деновиве се најавуваше од претставниците на коалицијата Вреди. Но, премиерот Христијан Мицкоски синоќа изјави дека „не функционира под ултиматуми и условувања“.

– Во принцип, не, не работам под ултиматуми или условувања. Никогаш во животот не работам и тоа е погрешен пристап да се комуницира со мене. Мислам, ако некој мисли дека ќе ме омекне или привлече со ултиматуми или услови, мислам дека тоа е најпогрешниот пат што го избрал – изјави Мицкоски во интервју за телевизија „Телма“.

Калкулациите за влез на Села во владиното мнозинство се засилија откако тој ја напушти коалицијата со ДУИ, а премиерот Мицкоски води разговори со партнерите од Вреди за реконструкција на Владата. Извори од Вреди неодамна открија за весникот ВЕЧЕР дека, освен за кадровски решенија, се водат разговори и за обезбедување Бадентерово мнозинство во Собранието. Парламентарното мнозинство составено од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Вреди има само 14 пратеници од немнозинските заедници, а за усвојување на системски закони, потребна е поддршка од најмалку 20 вакви пратеници од вкупно 39 колку што ги има во овој пратенички состав. Во парламентарна процедура чекаат повеќе реформски и системски закони, чие носење е мошне потребно сега или во блиска иднина: законски решенија за Судскиот совет, за јавнообвинителската служба, за судската служба, за новиот Кривичен законик, за измените во Законот за локална самоуправа, а особено ќе биде потребно за изгласување на новиот закон за организација и работа на органите на државната управа за значително да се намали бројот на буџетски корисници во земјава.

Според сегашните калкулации, парламентарното мнозинство, на своите 14 пратеници од немнозинските заедници, би можело да смета на уште двајца пратеници: на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и на пратеникот на Демократската партија на Турците, Бејџан Иљас. Од редовите на ДПА веќе кажаа за својата подготвеност за влез во Владата и се чека само понуда за тоа, а ДПТ излезе незадоволна од коалицијата со ДУИ и веќе имаше соработка и договор за поддршка со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа, за обезбедување остануваат уште гласовите на четворица пратеници, при што сега е прашање каква ќе биде реакцијата на четворицата пратеници на АА на Зијадин Села. Тие досега не се изјаснија за условите за влез во парламентарното мнозинство и прашање е дали постои можност да постапат поинаку од својот лидер. Останува и прашањето дали се можни некакви договори на владините партнери со тројцата пратеници од крилото на АА на Арбен Таравари што го чекаат избори за градоначалник на Гостивар, како и со пратеникот Скендер Реџепи- Зејд од Народното движење и со Сали Мурат од Движењето на Турците во Македонија за правда и демократија, кои се во коалицијата НАИ предводена од ДУИ.

Од редовите на коалицијата Вреди денеска соопштија дека распаѓањето на коалицијата НАИ предводена од ДУИ ќе продолжи и натаму.

– Коалицијата НАИ беше создадена без јасна политичка насока, програма и заедничка визија и таа влегува во фаза на целосна дезинтеграција. Заминувањето на Алијансата за Албанците на Зијадин Села, како и повлекувањето на Кренар Лога, е показател за длабока внатрешна криза и за недостиг од кохезија во овој политички сојуз. НАИ функционираше само како засолниште за лични интереси, а не како проект што им нуди перспектива на Албанците – потенцираа од Вреди.

Оттаму најавија дека Вреди ќе продолжи да работи одговорно и транспарентно за заштита на заедничкиот интерес и за изградба на сигурна иднина за граѓаните. (Б. Ѓ.)

 

(рамче)

Н: Беџети: Пратениците на ДУИ ќе функционираат во рамките на Европскиот фронт

Пратениците на ДУИ ќе продолжат да функционираат во рамките на Европскиот фронт, соопшти пратеникот на интегративците, Блерим Беџети. Прашан за заминувањето на Зијадин Села, тој рече дека тие одлучиле да функционираат независно и дека ги поздравуваат и поддржуваат опозициските партии повторно да имаат соработка.

– Тие ќе продолжат да бидат опозиција, но ние ќе продолжиме да соработуваме, како во Парламентот така и во рамките на општините – рече Беџети.

ИЗДВОЕНИ