Прегратки и солзи радосници во Израел и Газа, „Трамп – претседател на мирот“ пишува на капите што ги дели Кнесетот

132

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната меѓу Израел и Хамас во која страдаше палестинскиот нарoд е завршена, откако 20 живи заложници на Хамас стапнаа на израелско тло. Останките на уште 26 заложници кои не го преживеале двегодишното заробеништвото ќе бидат транспортирани во Израел, а судбината на двајца заложници не е позната. За возврат, Израел ослободува 250 палестински затвореници и повеќе од 1.700 лица уапсени во Газа. Трамп имаше говор во израелскиот парламент, па замина за Египет на мировен самит за Газа

 

Светот во понеделник изутрина го опколија првите фотографии од ослободените израелски заложници на Хамас и од големата прослава во Тел Авив со солзи радосници, песни, танци и први прегратки на најблиските по двегодишното стравување за нивниот живот.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната меѓу Израел и Хамас, во која страдаше палестинскиот нарoд, е завршена, откако 20 живи заложници на Хамас стапнаа на израелско тло. Останките на уште 26 заложници кои не го преживеале двегодишното заробеништвото ќе бидат транспортирани во Израел, а судбината на двајца заложници не е позната. За возврат, Израел ќе ослободи 250 палестински затвореници и повеќе од 1.700 лица уапсени во Газа.

Меѓу првите седуммина ослобoдени заложници на Хамас е и израелско-српскиот државјанин Алон Охел, кој има и германско државјанство. Семејството со воодушевување го пречека во базата Реим, каде што своите блиски ги чекаа уште шест семејства. Меѓу ослободените во првата група беа и близнаците Гали и Зив Берман, Матан Ангрест, Омри Миран, Еитран Мор и Гај Гилбоа-Далал. Сите тие имаат своја страшна приказна. Некои се грабнати од работното место, некои во автомобил, близнаците од кибуц, а повеќето од фестивал што се одржуваше тој кобен 7 октомври 2023 година, кога Хамас го нападна Израел. Во тој напад на Хамас врз јужен Израел, милитантите убиле околу 1.200 луѓе и однеле повеќе од 250 заложници во Појасот Газа, кои биле држени во сурови и нехумани услови, без соодветна медицинска нега и под постојан надзор на милитантите на Хамас, објави претходно Израел.

Стотици луѓе се собраа и во палестинскиот град Рамала додека автобусите кои превезуваа палестински затвореници го напуштаа израелскиот затвор Офер. Амро Абдула изјави дека го чека својот братучед Рашид Омар, кој беше уапсен во јули 2005 година и осуден на доживотен затвор од израелски суд по обвинение за убиство.

– Сакам мир. Сакам да живеам среќен, безбеден и мирен живот – без окупација и без ограничувања, рече тој.

Додека течеше размената на заложници, американскиот претседател Доналд Трамп слета во Израел и зачекори на црвен тепих. Подоцна се обрати во израелскиот парламент – Кнесет, каде беше дочекан со четириминутен аплауз од сите пратеници. Тој изјави дека Хамас добил зелено светло за операции за внатрешна безбедност во Појасот Газа, со образложение дека групата сака да „ги запре проблемите“ и „ние им дадовме дозвола за одреден временски период“. Хамас, кој според предлогот на Трамп за прекин на војната треба да се разоружи и да престане да управува со Газа, распореди сили за внатрешна безбедност во делови од крајбрежната енклава откако прекинот на огнот стапи на сила во петок велејќи дека сака да ги запре беззаконието и грабежите и да спречи безбедносен вакуум. Трамп при пристигнувањето во Кнесетот на новинарите им рече дека Хамас ќе се придржува на планот за разоружување, а на прашањето дали војната е завршена, одговори „да“.

Во израелскиот парламент, Кнесетот, чекајќи го Трамп, вработените делеа црвени капи со натпис „Трамп – претседател на мирот“, моделирани по познатите капи „Да ја направиме Америка повторно голема“ (MAGA). Ни ова патување на Трамп не помина без негова изјава што предизвикува внимание. Пред слетувањето во Израел, новинарите го прашаа дали неговите напори за мир ќе му обезбедат место во рајот. Еве го неговиот одговор: „Не мислам дека има нешто што може да ме однесе во рајот. Можеби не сум создаден за рајот. Можеби веќе сум во рајот токму сега, летајќи со Ер Форс Уан. Не сум сигурен дали ќе стигнам во рајот, но им го направив животот многу подобар на многу луѓе“, рече тој.

По обраќањето во израелскиот парламент, американскиот претседател замина за Египет, каде што во летувалиштето Шарм ел-Шеик ќе го предводи мировниот самит за Газа, на кој  учествуваат најмалку 20 светски лидери. Кабинетот на Нетанјаху објави дека тој нема да присуствува, а канцеларијата на египетскиот претседател соопшти дека на самитот ќе учествува палестинскиот претседател Махмуд Абас.

ИЗДВОЕНИ