Преговорите продолжуваат: Дали Украина ризикува Русија да го врати планот на Трамп на почетната позиција?

300

Ако се случи тоа, Зеленски ќе се соочи со мизерен избор: или да ја прифати понудата што ја смислија Трамп и Путин или да ја ризикува иднината на својата земја со надеж дека еден ден ќе добие доволно помош од своите европски пријатели. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Москва го поздравува оригиналниот мировен план од 28 точки, а „ситуацијата ќе биде сосема поинаква“ ако промените не ги одразуваат „духот и словото на разговорите меѓу Путин и Трамп на Алјаска“

 

Војната во Украина добива невидена жестина неколку дена по почетокот на интензивните напори на САД и Европа да состават мировен план. Украинската престолнина, Киев, ноќеска беше под нови воздушни напади во кои загинаа најмалку шест луѓе. Додека траеше нападот, два руски дрона влегоа на територија на Романија, па НАТО дигна германски и американски борбени авиони за да ги пресретне. За возврат, украинските сили нападнаа со дронови во Русија. Во нападите на Краснбодарск и на Ростовската област загинаа најмалку три лица.

На преговорите во Женева меѓу претставниците на САД, ЕУ и на Украина, планот на американскиот претседател, Доналд Трамп, составен со учество само на Русија (според повеќе извори од Русија), од 28 се сведе на 19 точки. И покрај тоа што Сергеј Кисљак, првиот заменик-министер за надворешни работи на Украина, посочи дека е оставено претседателите на САД и на Украина да ги договорат најчувствителните политички точки, Европа се пофали со напредок. Украина  изрази задоволство со надеж дека Русија ќе го прифати ревидираниот план, но рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Москва го поздравува оригиналниот мировен план од 28 точки, а „ситуацијата ќе биде сосема поинаква“ ако промените не ги одразуваат „духот и словото на разговорите меѓу Путин и Трамп на Алјаска“.

– Европските претставници си честитаа откако разговорите во Женева, во текот на викендот, сугерираа дека Доналд Трамп ќе ја слушне нивната загриженост за наметнување лош мировен договор за Украина. Секако беше „напредок“ тоа што беа поканети врвните советници од ЕУ и од Велика Британија да се приклучат на состанокот во неделата, во Швајцарија, откако беа исклучени од оригиналниот план на Америка од 28 точки, за кој се плашеа дека е толку пристрасен што ќе ја охрабри Русија да продолжи со нападите – пишува „Политико“ во денешното издание.

Ризикот за Украина сега е дека Путин ќе го врати планот на американскиот претседател на неговата почетна позиција: договор за прекин на огнот од 28 точки што предизвика криза меѓу претставниците во Брисел, бидејќи ќе го принуди Киев да ѝ отстапи делови од земјата на Москва, да се откаже од надежта дека ќе се приклучи некогаш кон НАТО и да ја намали големината на својата армија на 600.000 војници од речиси еден милион. Ако се случи тоа, Зеленски ќе се соочи со мизерен избор: или да ја прифати понудата што ја смислија Трамп и Путин или да ја ризикува иднината на својата земја со надеж дека еден ден ќе добие доволно помош од своите европски пријатели, анализира „Политико“.

Но, европските пријатели никако да се договорат околу таа помош, па преговорите продолжуваат, овој пат на друго ниво. Денеска во Абу Даби, секретарот на американската армија, Ден Дрискол, има средби со шефот на украинската воена разузнавачка служба откако претходно се сретна со руската делегација. Дрискол претходно учествуваше и во разговорите во Женева.

– Добрата работа во врска со вклучувањето на Ден Дрискол во овој процес е што додава нешто, а не одзема, за да може да продолжат разговорите и слично. Исто како што рече Рубио вчера, ние продолжуваме 24/7, обидувајќи се да се движиме што е можно побрзо и поагресивно – изјави денеска неименуван американски функционер.

Според високи украински личности, Зеленски очекува средба со Трамп во Вашингтон, но портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека во моментов нема планови тие да се сретнат лично.

ИЗДВОЕНИ