„Прегорување“ е насловот на новиот роман на современиот чешки писател Петр Шестак во издание на „Македоника литера“ и во превод од чешки јазик на Наталија Тоневска-Каровска. Овој роман обработува современа тема: урбаниот велосипедизам, поточно тој претставува фрагментарен монолог од курир што вози велосипед низ градот, доставувајќи храна до оние што се посреќни и поуспешни од него. Тој е современ работник, извршител на услужни работи, доставувач на нарачки на платформа, а себеси се смета за претприемач. Тој нема шефови над себе, но тиранијата на шефовите е заменета со тиранијата на алгоритмите. Нема шефови, но нема ниту перспектива некогаш да стане шеф. Сè додека може физички да работи, тој ќе заработува само за живот. Курирот никогаш не заработува доволно за да слезе од велосипедот.

Нараторот им се обраќа директно на читателите со силно ритмички јазик што потсетува на возење велосипед, апелирајќи во второ лице, провоцирајќи, задевајќи ги, принудувајќи ги да заземат некаков став против тоа што го кажува. Човекот е извлечен на улица, каде што води секојдневна борба за живот. Во секојдневниот сообраќај, малиот незаштитен велосипедист се чувствува како животно притиснато во агол, тесно опкружено со возила што се движат со голема брзина и може да го згазат во секој момент. Против автомобилите и кон нивните возачи се насочени неговата растечка фрустрација и гневот. Неговиот свет е поделен на два непомирливи табори: јас наспроти тебе, велосипед наспроти автомобил.

Шестак (1981) е чешки прозаист, сценарист и фотограф. Дипломирал чешки јазик на Педагошкиот факултет на Карловиот универзитет во Прага. Пишувал сценарија за патописна серија што се емитувала на Чешката телевизија и бил вклучен во нејзиното снимање во Монголија и на островите на Француските Западни Инди. Две години живеел во камп-приколка додека патувал низ Европа со мобилна изложба на фотографии. Неговите искуства од номадскиот живот се внесени во поетската, филозофска патописната книга „Номадска галерија“ (2014). Неговата збирка кратки раскази „Ловот“ (2015), исто така, се потпира на неговите престои во странство. Неговата трета книга, „Континуитет во паркот“ (2021), привлече одлични критики и наиде на силен одѕив кај читателите. Паралелно со своето најново дело, романескна приказна за животот на луѓето во светот на автомобилите – „Прегорување“, авторот ја објави и својата книга за деца „Патот е куче“ (2023). За најуспешна негова книга се смета „Прегорување“. Веќе се објавени негови книги на неколку јазици.

 

ИЗДВОЕНИ