Израелската армија во неделата ги повика жителите да ја евакуираат областа околу облакодер во југозападниот дел на градот Газа, бидејќи се очекува зградата да биде бомбардирана, еден ден откако издаде слично предупредување.
Предупредувањето се однесува на зградата Ал-Руџа и шаторите во близина, објави полковникот Авичај Адрае, портпарол на армијата, на социјалните медиуми, заедно со фотографија од воздух од зградата означена со црвена боја.
„Израелските сили наскоро ќе ја нападнат зградата поради терористичката инфраструктура на Хамас во или во близина“, додаде тој. Таква порака беше објавена и во саботата, но облакодерот не е нападнат од тогаш.
Во петокот и саботата, израелските сили уништија два облакодери во градот Газа по повик за евакуација, обвинувајќи го Хамас дека ги користи за своите операции.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот објави проширување на воените операции во и околу градот Газа со цел да ја преземе контролата врз градот.
Тој рече дека околу 100.000 луѓе веќе го напуштиле градот. Според ОН, речиси еден милион луѓе живеат во градот Газа и неговата околина. Ниту армијата ниту владата официјално не го објавија почетокот на офанзивата врз градот Газа, одобрена во август.
Сепак, во последните недели, армијата ги интензивираше бомбардирањата и операциите на терен во градот и неговата околина. Армијата тврди дека контролира 40 проценти од градот, кој го смета за последно упориште на Хамас.