Предупредување: Ова се лажни лекови за слабеење, нивната продажба низ Европа е во пораст

65

Лажни лекови за слабеење се повеќе се рекламираат и продаваат низ целата Европска Унија, што претставува сериозна закана за јавното здравје, предупреди Европската агенција за лекови (ЕМА).

Како што објави Политико, Агенцијата објави дека во последните месеци има нагло зголемување на бројот на нелегални лекови што се продаваат како агонисти на GLP-1, како што се популарните семаглутид, лираглутид и тирзепатид.

Властите идентификуваа стотици лажни профили на Фејсбук, реклами и огласи за е-трговија што промовираат фалсификувани лекови.

ЕМА наведува дека овие веб-страници често ги заведуваат клиентите со користење на официјални логоа и лажни препораки.

„Додека оригиналните верзии под брендовите Вегови, Оземпик, Саксенда и Мунџаро се достапни преку легитимни здравствени служби и со рецепт, фалсификуваните верзии не се одобрени и не ги исполнуваат потребните стандарди за квалитет, безбедност и ефикасност“, соопшти агенцијата.

ЕМА тврди дека ваквите нелегални производи претставуваат сериозен ризик за јавното здравје, може да содржат штетни нивоа на други супстанции и може воопшто да не ја содржат наведената активна супстанца.

„Луѓето што ги користат овие производи се изложени на многу висок ризик од неуспех во третманот, неочекувани и сериозни здравствени проблеми и опасни интеракции со други лекови“, се вели во соопштението на Европската агенција за лекови.

ИЗДВОЕНИ