До средина на следниот месец нема да се гласаат промените во Законот за локална самоуправа кои чекаат со месеци и со што новите градоначалници ќе останат несменливи бидејќи нема да може да се организираат референдуми за нивно разрешување. На ова на денешниот брифинг со новинари предупреди собранискиот спикер Африм Гаши, кој рече дека промените нема да бидат ставени на дневен ред бидејќи се уште не е обезбедено Бадентерово мнозинство.
–За да се стават промените во Законот за локална самоуправа на дневен ред за усвојување, треба прво да се оцени дека има Бадентерово мнозинство. До изборите нема да ги ставаме на гласање, ако потоа нема Бадентерово мнозинство ќе чекаат на нови избори. Ако, евентуално, измените се изгласаат по локалните избори тие нема да важат за новите градоначалници што ќе бидат избрани на есенските локални избори. Ќе важат дури за градоначалници кои ќе бидат избрани на локалните избори во 2029 година – објасни вчера Гаши.
Промените во Законот за локална самоуправа се направени по случајот со скопската градоначалничка Данела Арсовска околу чие работење имаше многу реакции, а на виделина излезе дека нема начин да ѝ се прекине четиригодишниот мандат. Поради тоа, се пристапи кон измените во Законот за локална самоуправа под координација на министерот за локална самоуправа, Златко Перински. Пред неколку месеци измените беа направени и од страна на Владата доставени до Собранието на усвојување. Новите законски решенија предвидуваат да биде распишан референдум за смена на градоначалникот откако 20 проценти од запишаните избирачи би го побарале тоа. Но, референдумот не би можел да биде распишан во првата и во последната година од мандатот. Се предвидува и можноста да се формира комунална редарска служба, а во општините со седиште во град градоначалникот да може да именува главен архитект на градот, чиј делокруг на работа ќе биде утврден со посебна одлука. Ваквите новини се од особена важност за новите градоначалници, а повеќемина веќе познати кандидати ветуваат во своите јавни настапи дека ќе ја подобруваат хигиената во општините врз основа на воведувањето комунална редарска служба.
Меѓутоа, заради ставот на опозициската Демократска унија за интеграција не може да се пристапи кон гласањето туку измените чекаат во собраниските фиоки. Интегративците особено реагираат на одлуката на Владата од септември минатата година, со која е намален бројот на советници во повеќе општински совети, поради тоа што пописот на населението од 2021 година покажал дека има значително помалку население во нив отколку пред тоа.
–Оваа одлука претставува директно кршење на членот 34 од Законот за локална самоуправа, каде што јасно стои дека се определува бројот на советници врз основа на бројот на жители, а не врз основа на нивниот резидентен статус. Спорната одлука е спротивна и на Уставот на државата, како и на основните принципи на еднакво претставување и право на учество. Нашиот став е да не гласаме за вака предложеното законско решение. Но, ние сме подготвени да разговараме и преку конструктивен дијалог да дојдеме до квалитетни решенија – изјави партискиот портпарол Арбр Адеми неодамна за ВЕЧЕР. (Б.Ѓ.)
Неуспешната собраниска седница за Изборниот законик не била заради маркетинг
Собранискиот спикер Гаши на брифингот рече дека собраниската седница од 16. август на која не се изгласаа измените во Изборниот законик за независните кандидати не била за политички маркетинг. Одговарајќи на новинарско прашање дали претходно имало координација на пратеничките групи за да се види дали има Бадентерово мнозинство за да залудно не се трошат пари на граѓаните за седницата, тој рече дека главната цел била да се направи последен обид.
–Сакавме да направиме последен обид, да дадеме последна шанса да се изгласаат измените со кои ќе се реши учеството на независните кандидати и на седницата да се види кој е „за“ а кој „против“. Направивме се да ги донесеме измените но една групација беше против нив. Та наша намера не беше за маркетинг – рече Гаши.
Тој додаде дека на 2 и на 12 септември се закажани две собраниски седници за да се разгледаат повеќе закони и постават пратенички прашања.