Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека се обидува да ја дестабилизира Европа преку употреба на дронови за саботажа и нарушување.
Во своето видео обраќање Зеленски синоќа рече дека Москва ја користи својата таканаречена „флота во сенка“ не само за финансирање на војната преку транспорт на нафта со танкери, туку и за саботажа и разни напори за поткопување на стабилноста низ континентот.
– Неодамнешните лансирања на дронови од танкери се еден таков пример, рече тој, наведувајќи разузнавачки информации од украинските надворешни служби.
Официјална информација за потеклото на дроновите неодамна забележани во земји вклучувајќи ги Данска и Германија сè уште не е потврдена. Русија негираше каква било вмешаност.
Дмитриј Медведев, заменик-претседател на рускиот совет за национална безбедност, сугерираше дека самите украински сили можеби користат такви дронови провокативно за да ја вовлечат Европа во војна против Русија. Украина, исто така, произведува дронови со долг дострел.
– Ја споделуваме информацијата што ја имаме со нашите партнери, и клучно е тие да преземат конкретни чекори како одговор на Русија, рече Зеленски, додавајќи дека ќе има понатамошни состаноци и преговори, и јавно и зад затворени врати. Тој не даде дополнителни детали.
– Русите мора да знаат дека ниту едно од нивните деструктивни дејства – сите одвратни работи што ги прават – нема да останат без одговор од светот, додаде тој.