четврток, февруари 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Предлозите на претседателката изгласани на собраниска седница: Вонредната професорка Арлинда Кадри Шахиновиќ...

Предлозите на претседателката изгласани на собраниска седница: Вонредната професорка Арлинда Кадри Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска се новите членки на Судскиот совет

282

Вонредната професорка Арлинда Кадри Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска денеска беа избрани за нови членки на Судскиот совет, откако Собранието ги изгласа предлозите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Во образложението пред пратениците, Сиљановска-Давкова истакна дека изборот е направен врз основа на стручноста, компетентноста и професионалниот и личниот кредибилитет на кандидатките, нагласувајќи дека реформите во правосудството мора да ги предводат докажани и препознатливи личности.

Таа подвлече дека кандидатките не се предложени поради родова припадност, туку поради нивниот квалитет и искуство, оценувајќи дека токму такви профили можат да придонесат за воспоставување јасни критериуми при изборот и одговорноста на судиите, како и за поаргументирани и поконкретни извештаи од Судскиот совет.

За изборот на Шахиновиќ гласаа 63 пратеници, 15 беа против, а еден воздржан, додека Јошевска-Анастасовска доби поддршка од 81 пратеник, со осум против и еден воздржан. Единствено ДУИ јавно се изјасни против изборот на Шахиновиќ, поради нејзиното претходно членство во Комисијата за помилување.

Новите членки доаѓаат со богати биографии, мотивациски писма и бројни препораки од истакнати академици и професионалци, што, според претседателката, дополнително ги зголемува очекувањата од нив да придонесат за враќање на довербата во Судскиот совет – институција која со години е под силни критики поради скандали и политички влијанија.

Адвокатката Јошевска-Анастасовска во своето јавно објавено мотивациско писмо вети професионален интегритет пред политиката и популарноста, нагласувајќи дека Судскиот совет мора да носи аргументирани и принципиелни одлуки, дури и кога тие не се популарни. Професорката Шахиновиќ, пак, достави девет препораки, меѓу кои и од академик Владо Камбовски и професорот Гордан Калајџиев.

Со изборот на двете нови членки се пополнуваат испразнетите места на Миљазим Мустафа и поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева. Во Советот, сепак, остануваат уште две слободни позиции, за кои, според најавите, ќе следуваат нови огласи согласно новиот Закон за Судски совет.

ИЗДВОЕНИ