Предлогот за именување гувернер на Народната банка ќе се најде денеска пред пратениците на македонското СОбрание во рамките на денешната 52. седница.
За иден гувернер е предложен универзитетскиот професор Трајко Славески од Економскиот факултет во Скопје, кој треба да ја замени досегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска. За избор на Славески се потребни 61 глас или просто мнозинство. Славевски е актуелен претседател на Советот на Град Скопје, а претходно ги извршување функциите министер за развој и за финансии.
Славески ќе има седумгодишен мандат, а предлогот тој да биде иден гувернер го достави претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.
– Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати, посочија од Кабинетот на претседателката.
Од ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија дека ќе дадат поддршка за предлогот за иден гувернер, додека од опозицијата изјавија дека нема да гласаат за предлогот затоа што според нив се работи за партиски кадар, а не за експерт што досега било традиција при изборот на гувернер.