Предлогот за гувернер ќе биде познат во наредните денови

14

Според најавата, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска требаше да го достави предлогот за нов гувернер на Народната банка, но не се случи тоа. Претседателката ќе размислува уште два-три дена додека да донесе одлука. Како што информираат од нејзиниот Кабинет, таа во неделата имала разговор со кандидатите за гувернер и ќе направи дополнителни анализи, по што ќе го достави предлогот до законодавниот дом.

Од Кабинетот на претседателката нагласуваат дека тоа ѝ го дозволува законот и дека тоа што ќе биде доставен предлогот за некој ден нема да влијае врз работата на институцијата, затоа што до изборот на нов гувернер, функцијата ја врши актуелниот гувернер.

Меѓу кандидатите што се споменуваат за оваа функција се актуелната гувернерка – Анита Ангеловска-Бежоска, професорот Трајко Славески и поранешниот министер за финансии – Зоран Ставрески.

И од Собранието утринава информираа дека досега не е пристигнат предлогот за гувернер.

Петгодишниот мандат на актуелната гувернерка, Анита Ангеловска-Бежоска, која стапи на функцијата на 22 мај 2018 година, истекува на 21 мај.

ИЗДВОЕНИ