Предлогот на законот за средни верски училишта кој влегува во процедура на собраниско усвојување, не претставува нарушување на принципите на секуларната држава, изјави денеска Африм Гаши, претседател на македонското Собрание. На денешниот брифинг со новинарите тој објасни дека за предлогот пратениците ќе расправаат утре, а до крајот на месецов ќе помине и втората фаза од усвојувањето.
– Се надевам дека до крајот на овој месец ќе биде усвоено предложеното законско решение. Со тоа ќе се отстрани една неправда со која учениците од средните верски училишта – Медресата на ИВЗ и од Богословијата на МПЦ-ОА – не можеа да го продолжат своето школување на редовните факултети во државата. Поради тоа, тие мораа да одат и во другите држави да студираат – рече Гаши.
Тој ги отфрли тврдењата во дел од јавноста дека со ова се нарушува одвоеноста на верските заедници од државата.
– Секуларноста не значи дека државата е во војна со верите туку дека е одвоена од верата. Тие што тврдат дека ова е нарушување на секуларноста, тврдам дека не го познаваат феноменот на секулaрна и демократска држава. Тоа воопшто нема врска со секуларноста. Напротив. Најдете ми држава во светот каде нема такви установи – потенцира собранискиот спикер.
Најголемата опозициска партија, СДСМ, неодамна соопшти дека нема да го поддржи ова законско решение бидејќи претставува нарушување на секуларноста. И невладината организација „Мрежа за заштита од дискриминација“ реагираше дека предлог-законот е противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата. Предлогот овозможува дипломите од средните верски училишта да бидат признати и целосно изедначени со оние од кое било друго средно училиште во земјата. (Б.Ѓ.)