Предизборни математики: Се делат гласови, се множат коалиции

Во дел од општините речиси и да нема неизвесност околу тоа кој ќе биде победник во решавачкото гласање, но во десетина општини разликите се тесни со што се отвораат најразлични комбинаторики. Од голема важност стануваат и гласовите на независните кандидати, кои во некои општини оствариле завидно конто од по неколку илјади гласови и кои може да бидат решавачки за нечија победа

173
Најнеизвесен втор круг во Кичево, Струга, Карпош, Кочани, Брвеница, Центар…

Полни со математички партиски и кандидатски пресметки се очекувањата на главните кандидати за избор на градоначалници во 33 општини и Градот Скопје, во кои на 2 ноември ќе се одржи вториот изборен круг. Во дел од општините речиси да нема неизвесност околу тоа кој ќе биде победник во решавачкото гласање, но во десетина општини разликите се тесни со што се отвораат најразлични комбинаторики. Односно, во игра за победник меѓу двајца кандидати очигледно станува дека најголемо влијание ќе имаат гласовите на граѓаните кои гласале за оние кандидати кои отпаднале од трката. За тоа, се чини, од најголема важност ќе биде дали отпаднатите кандидати биле од блокот на владејачките или, пак, опозициските партии. Истовремено, од голема важност стануваат и гласовите на независните кандидати, кои во некои општини оствариле завидно конто од по неколку илјади гласови и кои може да бидат решавачки за нечија победа. Но, освен ова, од партиите почнуваат да се упатуваат повици и за поголема излезност на граѓаните во вториот изборен круг после слабиот одѕив на неделното гласање. Сè со цел да се добие глас повеќе…

Така, според податоците на ДИК, извесно е дека најголема неизвесност ќе се води во финалната изборна битка во општините Кичево, Карпош, Струга, Кочани, Брвеница, Демир Капија… Во Кичево, во првиот изборен круг, кандидатот на коалицијата предвидена од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, со 11.682 гласа има значителна предност во однос на ривалот Фатмир Дехари од НАИ, кој има 5.586 гласови. Таму, главното прашање се поставува дали Јовановски ќе може да смета на гласовите што ги добил Фатмир Лимани од „Вреди“ – 4.164, а кој е владин коалициски партнер? Односно, дали гласачите на Лимани ќе го испочитуваат партискиот став за меѓусебна поддршка со кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ. Или, пак, ќе решат да гласаат по етнички критериум и со што ќе го подржат сонародникот – Албанец од редовите на опозицијата, а што беше причина за пресврт со кој Дехари пред четири години стана градоначалник. Тука големо влијание може да имаат и гласачите на независниот кандидат од првиот круг, Шкодран Алили, кој освои 4.006 гласови, а кој е близок со ДУИ и кој во оваа изборна кампања изјавуваше дека најголем противник е кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ.

Битка за секој глас ќе се води и во Струга. Таму, во водство е независниот кандидат Менди Ќура, поддржан од „Вреди“ и од ВМРО-ДПМНЕ, кој има 9.934 гласови, а ривал му е Арсим Далипи од НАИ со 9.719 гласови. Во вториот круг се очекува ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН со уште поголем интензитет да го поддржат Ќура, но нејасно е како ќе се однесуваат оние 2.809 граѓани што ја поддржаа Јована Мојсоска од Левица. Но, важно ќе биде и како ќе гласаат 2.835 гласачи кои гласаа за независна советничка листа предводена од Анела Ќазимоски, зад која јавно застана долгогодишниот струшки градоначалник од ДУИ, Рамиз Мерко. Познато е, Мерко е незадоволен од тоа што „интегративците“ за негов наследник го планирале кадарот на крилото на АА предводено од Зијадин Села.

Неизвесно ќе биде и во скопската Општина Карпош, во која кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукаровски, има 10.284 гласови наспроти 8.761 глас на Стевчо Јакимовски. Тука, се чини решавачка улога ќе имаат гласовите кои во првиот круг отишле на контата на Маја Мојсова – Мијовска од СДСМ – 3.827, на Антонио Димитров од Левица – 2.802, но и на независниот кандидат Невена Георгиевска – 2.669. Тука е интересно што Лукровски како кандидат за градоначалник освоил повеќе гласови отколку советничката листа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ (9.819), а Мојсова и Димитров освоиле помалку гласови отколку советничките листи на СДСМ (4.121 и на Левица (4.167. Гласовите на независните кандидати, но и на некои партии кои отпаднаа од трка, важна улога ќе имаат и во изборот на новиот градоначалник на Кочани. Таму води кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Грозданов, наспроти ривалот Венко Крстевски, кој е независен. Но, прашањето е дали во вториот круг на контото на Крстевски ќе се префрлат 2.444 гласови кои ги освоил кандидатот на СДСМ, Игор Христов. Исто како што е прашањето на чие конто ќе заминат гласовите на независниот кандидат Зоран Тодоров, 1.490.

Гласовите на независната кандидатка Билјана Ивановска и на кандидатката на Левица, кои освоија 4.465, односно, 2.121 глас во првиот круг на гласањето во скопската Општина Центар може да бидат решавачки. Таму изборот ќе се прави меѓу Горан Герасимовски од СДСМ, кој доби 8.535 гласови и Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, кој има 5.707 гласови. Тука е интересно што Лабудовиќ доби помалку гласови отколку збирот советничките листи на ЗНАМ, која има 1.884 гласови и на ВМРО-ДПМНЕ – 6.003, а кои стојат зад неговата кандидатура. Герасимовски, пак, доби повеќе од советничка листа на СДСМ која доби 6.089 гласови.

Во Тетовско, во Општина Брвеница, во првиот круг поведе Јовица Илиевски од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 3.388 гласови, а противкандидатот ќе му биде Хаким Рамадани од „Вреди“, со 2.021 глас. Но, математиката покажува дека решавачки ќе бидат гласовите што ги освоил кандидатот на ДУИ, Енвер Пајазити – 1.147, но влијание може да имаат и 481 глас на кандидатката на СДСМ Светлана Митровска.

Неизвесна битка ќе се води и во Боговиње меѓу Бесник Емши од НАИ  – 5.207 глас  и Фети Абази од Коалиција „Вреди“ со водечки 5.295 гласови, како и во Валандово, каде што граѓаните ќе гласаат за Ѓоко Камчев од ВМРО-ДПМНЕ – 2.904 или за Перо Костадинов од СДСМ, кој во првиот круг освои 2.764 гласови. Во Дебар, во вториот круг ќе се соочат Фисник Мела од ВЛЕН (3.227 гласови) и независниот кандидат Рамадан Имери (2.532 гласови). Изненадувачки, Илириан Фетаху од НАИ испадна во првиот круг со 1.948 гласови, кои НАИ може да ги сврти кон Рамадани, со цел „Вреди“ да не брои уште една победа во изборното конто. (Б. Ѓ.)

Касами ветува поддршка за ДУИ во Кичево, „Вреди“ ги повика кичевчани сами да одлучат

Тетовскиот градоначалник и кандидат за нов мандат, Биљал Касами, најави поддршка од „Вреди“ за кандидатите на ДУИ во Кичево, и покрај предизборниот договор со ВМРО-ДПМНЕ за меѓусебна поддршка. По јавниот став на Касами, од партискиот штаб на „Вреди“ побрзаа со реакција за гласањето во Кичево – ги повикаа кичевчани сами да одлучат.

–Гласовите не ни се в џеб за да ги вадиме кога ќе посакаме, ставот на нашиот кандидат за Општина Кичево, Фатмир Лимани, беше јасен уште од почетокот на изборната трка: оној што ќе влезе во вториот круг, ќе биде поддржан. Но имаме нова ситуација во која се објавени компромитирачки материјали кои го разголуваат кандидатот на НАИ и го лишуваат од секое морално право да извршува јавна функција. Поради тоа, како коалиција побаравме тој да се повлече. Тој не се повлече, и токму тоа ја прави секоја јавна поддршка скоро невозможна. Кичевчани сами треба да ја донесат оваа тешка одлука, реагираат од „Вреди“, од каде додаваат дека нивната заложба е за обединување на вредности, наместо етнички прашања и теми кои предизвикуваат поделби во јавноста.

Претходно, Касами во телевизиско интервју јавно потврди дека „Вреди“ во вториот круг ќе го поддржи Фатмир Дехари од ДУИ во Кичево, наместо кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски. Според Касами, поддршка ќе биде обезбедена во сите места каде има албански кандидат, но очекуваат поддршка и од интегративците во Брвеница и Долнени, каде што „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја водат битката во вториот круг.

Вреди со поддршка на Максим Димитриевски во Куманово

Актуелниот градоначалник на Куманово и кандидат за нов мандат, Максим Димитриевски, од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, преку својот профил на „Фејсбук“ соопшти дека се сретнал со претставници на Коалиција „Вреди“ од кои, како што вели, добил поддршка за вториот круг од локалните избори.

– Од „Вреди“ добив поддршка за вториот круг во Куманово – Подадена рака! Во топлиот и искрен разговор од претставниците на коалициониот партнер добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Куманово, поддршка која ја отсликува мултиетничката и мултикултурната реалност на нашиот град, која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред во остварување на проекти во интерес на сите граѓани на Куманово, напиша Димитриевски.

ИЗДВОЕНИ