Безбедност и одговорност во дигиталниот свет преку баланс на приватноста и на слободата, транспарентност и човечност во дигиталната ера, беа темите што беа зачнати на конференцијата „Контент позитив 2025“ што ја организираше телекомуникациската компанија „А1 Македонија“ и која собра експерти од медиумите, технологијата, бизнисите и од младите, кои кажаа свое мислење како ги гледаат сегашноста, но и иднината во дигиталниот свет.
Димитар Мирчев, главен извршен директор на „А1 Македонија“, истакна дека околу нас се случува технолошка трансформација која го менува светот, но го менува и секого од нас.
– Околу нас се случува технолошка трансформација и честопати зборуваме за дигитализација, за индустриска револуција 4.0, за вештачка интелигенција. Треба да бидеме свесни дека тоа не само што го менува светот пред нас туку нè менува и самите нас. Дигиталниот свет е свет без граници, и тоа дефинитивно отвора нови можности за креирање, творење, споделување, размена на мислења, но од друга страна, кога е нешто без граници, носи одредени ризици – истакна Мирчев.
Бранкица Толевска, раководител на бизнис-трансформација, корпоративна стратегија и корпоративни комуникации во „А1 Македонија“, во својот осврт нагласи дека „Контент позитив“ е иновативно име за подобар онлајн.
–Tоа е важна тема за сите нас. Мора да бидеме спремни, треба да имаме луѓе сo алатки, мора да бидеме ефикасни и продуктивни, и да бидеме во чекор со технологијата. Од друга страна, мора да бидеме интересни за клиентите како претприемачи, сопственици на мали бизниси, но мора да бидеме интересни и за вработените, за да сакаат да работат за нас – рече Толевска.
Таа нагласи дека луѓето мора да бидат одговорни кога се онлајн бидејќи сите ние, сакале или не сме, робови на алгоритми.
– Јас веќе не можам да бирам што ќе гледам на социјалните медиуми. Не можеме да го промениме светот, не можеме да ставиме сајбер полиција, не можеме да контролираме што ќе се објавува, но затоа мора да го подигнеме нивото на свесност колку е важно секој од нас да чувствува одговорност и да знае што објавува – истакна таа.
Толевска посочи дека сајбер булингот е тема за која зборуваме и тоа ќе го правиме и натаму затоа што никој нема право да го нарушува мирот на некого.
– Треба да знаеме дека ние немаме право со своето мислење за кое сметаме дека е вистинско, да нарушуваме чија било приватност или чие било право на избор. Треба да бираме што ќе споделуваме, а медиумите треба да знаат да препознаат лажни вести („фејк њуз“) – рече Толевска.
Новинарот Коле Чашуле рече дека не постои никаква контрола во тоа што се објавува, а улогата на традиционалните медиуми е филтрирање на информациите пред да се објават.
– Младите под 30 години речиси и да не вклучуваат телевизор и тие се нонстоп во дигиталниот свет. А голем дел од порталите и поткастите се нерегулирани и ние тука не можеме да влијаеме. Треба да се потпираме на фактите и да проверуваме, а тоа е многу тешко. А тука се случува извртување на вистината и тоа мора секој медиум сам да го спречи бидејќи ќе ја изгуби довербата кај тие што нè слушаат, гледаат или читаат – нагласува Чашуле.
Професорот на ФИНКИ, д-р Иван Чорбе, смета дека едно од решенијата за побезбеден онлајн е да им обрне внимание на младите да бидат повнимателни во тоа што веруваат, да има обуки за младите покритички да ги читаат информациите, а медиумите да го задржат одговорното однесување.
Експертот за дигитална трансформација и иновации, д-р Нина Ангеловска-Станков, посочи дека мора да се адаптираме на дигитализацијата што, пред сè, значи човечка трансформација.
– Компаниите се свесни за дигиталната трансформација, но промените се случуваат многу побрзо отколку што тие можат да ги следат заради вештините. Треба да се инвестира во земјава во дигитална писменост, пристап и вклученост за да не ги изостави останатите, туку да има прогрес кој е дозиран и кој ги вклучува сите – заклучи таа.
(С. Бл.)












