Две недели по подигнувањето на трофејот „Винс Ломбарди“, Сиетл Сихокс официјално се ставени на продажба. Веста доаѓа кратко по доминантната победа од 29:13 над Њу Ингланд Патриотс во Супербоул, што им ја обезбеди на Сихокс втората титула НФЛ. Разговорите за продажба на франшизата беа во тек дури и пред финалето.
Франшизата беше купена во 1997 година од покојниот Пол Г. Ален, коосновач на Мајкрософт, со што се спаси од преселба во Јужна Калифорнија. Ален, кој почина во 2018 година на 65-годишна возраст, исто така ги предводеше Сихокс до нивната прва титула на Супербоул во 2014 година. По неговата смрт, организацијата ја водеше неговата сестра, Џоди Ален, која потврди дека е започнат формален процес на продажба, „во согласност со директивата на Ален дека неговите спортски средства на крајот ќе бидат продадени, а сите приходи ќе одат во филантропија, објавува „Би-Би-Си“.
Според „Форбс“, Ален платил 194 милиони долари (165 милиони евра) за тимот, додека нивната моментална вредност се проценува на 6,7 милијарди долари (5,7 милијарди евра), што ги прави 14-та највредна франшиза во НФЛ.
За споредба, последната голема продажба во лигата беше купувањето на „Вашингтон Командерс“ во 2023 година за рекордни 6,05 милијарди долари (5,14 милијарди евра). Инвестициската банка „Ален енд Компани“ и адвокатската фирма „Латам енд Воткинс“ беа ангажирани за процесот на продажба на Сихокс. Ален беше и сопственик на НБА клубот Портланд.











