Возачот на Дукати, Марк Маркез, имаше бројни повреди во изминатите неколку години, но и покрај тоа, шампионскиот инстинкт остана во него, па пред неколку дена се закити со нова титула во Мото ГП-шампионатот.
– Загубив неколку години од мојата кариера поради повреди, но тие години ме научија многу. Порано, дејствував инстинктивно, сега се обидувам повеќе да ги планирам моите движења – истакна 32-годишниот шпански возач.
Шпанецот ја освои својата седма светска титула во Мото ГП со второто место на Големата награда на Јапонија, во неделата. Со тој резултат, Марк Маркез се изедначи со легендарниот Италијанец Валентино Роси, кој, како и Маркез, има две титули во шампионатите од 125cc и 250cc.
Помеѓу 2019 и 2024 година, Марк Маркез имаше четири операции на десната рака откако ја скрши надлактицата во Херез во 2020 година. Тој падна повеќе од 100 пати на патеката и пропушти 30 трки, поради што во 2023 година мораше да донесе тешка одлука.
- Да ја напуштам Хонда или да ја завршам кариерата. Го сакав само моторот (Дукати), не ја сакав платата. Ќе возев бесплатно само за да дознаам дали сè уште можам да се борам со најдобрите – рече тој.
Во септември минатата година, во Арагон, тој ја прекина серијата од повеќе од 1.000 дена без победа на главна трка за да се пресели во фабричкиот тим на Дукати оваа сезона.
Марк Маркез доминираше оваа сезона со 11 победи на 17 трки, со 14 спринтерски триумфи.
- За мене, оваа титула е особена, исто како и онаа во 2013 година. Но, за да стигнам до оваа, страдав многу повеќе – нагласи шпанскиот возач.
Марк Маркез се бори да се изедначи со уште еден легендарен Италијанец, Џакомо Агостини, кој има рекордни осум трофеи во Мото ГП.
- Се надевам дека најтешкиот период од мојата кариера заврши, па ако се случи нешто, тоа ќе биде подарок – заврши Маркез.
На пет трки до крајот на сезоната, Марк Маркез е водечки во генералниот пласман со 541 бод, додека неговиот помлад брат, Алекс Маркез (Гресини рејсинг), е 201 бод зад него, на второто место. Шампионатот продолжува следната недела, со Големата награда на Индонезија.