Дарко Арсовски од „На точак“ и од „Биди зелен“ информира дека минатата година АМСМ направил мапирање на сите 143 километри велосипедска инфраструктура во Скопскиот Плански Регион, во кое сликовито и процентуално се покажани добрите и лошите работи. – Меѓу најчестите пречки се посочени високите рабници. Тоа покажува дека Скопје, иако има велосипедска инфраструктура, има ситни пречки на неа, кои многу им значат на луѓето што сакаат да се превезуваат со велосипед, а многу малку би ги чинело општините да ги елиминираат. Токму тие мали пречки се причината што го принудува родителот да го однесе своето дете во градинка со автомобил наместо со велосипед или, пак, возрасното лице да се превезува со автобус наместо да ја наполни кошницата на велосипедот со зеленчук и со овошје од пазар – нагласува Арсовски и додава дека историјата покажува дека кога се инвестира во инфраструктурата, луѓето сами избираат да се превезуваат со одржлив превоз
Скопје е одличен пример на град во кој ако се инвестира во пешачката и во велосипедската инфраструктура, драстично ќе се сменат навиките и процентуалното учество на одржливиот транспорт во вкупниот сообраќај, вели Дарко Арсовски од „На точак“ и од „Биди зелен“.
Тој информира дека минатата година АМСМ направил мапирање на сите 143 километри велосипедска инфраструктура во Скопскиот Плански Регион, во кое сликовито и процентуално се покажани добрите и лошите работи.
– Меѓу најчестите пречки се посочени високите рабници. Тоа покажува дека Скопје, иако има велосипедска инфраструктура, има ситни пречки на неа, кои многу им значат на луѓето што сакаат да се превезуваат со велосипед, а многу малку би ги чинело општините да ги елиминираат. Токму тие мали пречки се причината што го принудува родителот да го однесе своето дете во градинка со автомобил наместо со велосипед или, пак, возрасното лице да се превезува со автобус наместо да ја наполни кошницата на велосипедот со зеленчук и со овошје од пазар – нагласува Арсовски.
Тој додава дека историјата покажува дека кога се инвестира во инфраструктурата, луѓето сами избираат да се превезуваат со одржлив превоз.
– Сè што е потребно е волја и храбри политичари, кои навистина се грижат за градот и за неговите жители – смета Арсовски.
Но, како што истакна тој, во последниве години, во текот на Европската недела на мобилноста, Град Скопје не организира многу активности, но, за среќа, општините прават сè повеќе напори за промоција на одржливиот транспорт.
– На почетокот од проектот „Скопје велоград“ и периодот кога активно се организираа настани во текот на Европската недела на мобилноста, бројот на велосипедисти во Скопје драстично порасна, но бидејќи помалку се инвестира во инфраструктурата, последниве години може да се почувствува стагнација наместо раст – вели Арсовски.
На годинашната Европска недела на мобилноста, која ќе се одржи од 16 до 22 септември, со активности се пријавиле само шест општини, меѓу кои не е Град Скопје, а нема ниту една скопска општина.
Годинашната тема на Европската недела на мобилноста е „Транспортна сиромаштија или сообраќај за сите“, а ќе се организираат настани за промовирање отворени улици, ќе се промовираат велосипедски патеки, ќе се прават работилници со најмладите и со жителите, а секоја институција ќе промовира што направила претходната година за подобрување на транспортот во својот домен.
Арсовски подвлече дека темата е како измислена за Скопје.
– Скопје е град што навистина е транспортно сиромашен, бидејќи изборот на превозни средства е навистина мал и превозот во нив е скап. Ако сакаме Скопје повеќе да не е транспортно сиромашно, треба да се инвестира во различни опции за превоз: метро, трамвај, БРТ, брза железница, меѓуградско железничко поврзување, посебни автобуски ленти со редовни автобуси, велосипедска и пешачка инфраструктура и можност за комбинирање на овие превозни средства – наведува Арсовски.
(А. П.)