Пречистителната станица во населеното место Доброшане во околината на градот Куманово ќе се реконструира. Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, информираше дека за таа цел е веќе потпишан и договор. Инвестицијата е во вредност од три милиони евра, обезбедени како грант преку Швајцарската амбасада, во рамки на проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Македонија“.
– Аплициравме за три проекти преку Министерството за животна средина за добивање на грантот од Швајцарската амбасада. Средствата ќе се искористат за подобрување на енергетската ефикасност на пречистителната станица во Доброшане, во делот на инсталирање на систем за фотоволтаици со приближна моќност од еден мегават. На овој начин ќе се ублажат трошоците за електрична енергија кои се најголеми расходи на станицата и ќе се реконструира целата пречистителна станица – изјави Димитриевски.
Целта на севкупниот проект е модернизација на јавните комунални служби преку подобрување на енергетската ефикасност, намалување на загубите и користење обновливи извори на енергија, посочуваат надлежните.
Димитриевски наведе дека преку овој проект, Куманово има поднесено уште две апликации кои се во фаза на евалуација. Едниот се однесува на унапредување на технолошкиот процес во фабриката за прочистување на вода за пиење, со што, како што посочи, Куманово би се доближило до европските стандарди во преработката на вода. Третиот проект предвидува воведување на SCADA-систем за електронска контрола на квалитетот на водата и процесот на пречистување.
Проектот предвидува пристап базиран на продуктивност – преку воведување мерки за оптимизирање на водоснабдувањето, инсталација на енергетски ефикасна опрема, подобрување на податоците и наплатата, како и обуки за управување и развој на капацитетите и процесите во јавните претпријатија.
Изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Доброшане почна во септември 2003 година, а заврши во јуни, 2005 година.
Целата станица, вклучувајќи ги градежните работи и инсталирањето на машинската опрема, е донација од швајцарската влада во вредност од 10 милиони евра. Станицата располага со капацитет за пречистување на отпадни води наменет за 100.000 жители. Пречистителната станица во Куманово е една од малкуте во Македонија која суштински функционира и има огромно значење за намалување на загадувањето на реките, не само за реката Кумановка туку и за Вардарското сливно подрачје.