Пречистителната станица мрдна од мртва точка 

2304

Директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Тони Миновски, тврди дека конзорциумот на фирми кои го добиле тендерот работат активно на проектот, а на терен се изведуваат градежни работи. Тој образложи дека повеќе од две години фирмата изведувач не можела да започне со работа, бидејќи Општина Гази Баба и Општина Аеродром немале донесено Детален урбанистички план за локацијата каде треба да се гради пречистителната станица.

-Од тие причини изведувачот немаше пристапен пат, ниту можеше да се извади одобрение за градење. Од кои причини толку долго не бил донесен ДУП од овие две општини и дали тоа е намерно или не е, не е познато – тврди Миновски. Тој нагласува дека како директор на ЈП „Водовод и канализација“ уште првиот ден по неговото именување, во август 2024 година, ревносно се ангажирал околу работата на проектот за изградба на пречистителната станица

 

Изградбата на пречистителната станица во Скопје, конечно, мрдна од мртва точка. Според директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Тони Миновски, проектот се одвива според предвидената динамика.

-Конзорциумот на фирми кои го добија тендерот работат активно на проектот. На терен се изведуваат градежни работи и тоа може да се види на лице место – дециден е Миновски.

Тој образложи дека повеќе од две години фирмата изведувач не можела да започне со работа, бидејќи Општина Гази Баба и Општина Аеродром немале донесено Детален урбанистички план за локацијата каде што треба да се гради пречистителната станица.

-Од тие причини изведувачот немаше пристапен пат, ниту можеше да се извади одобрение за градење. Од кои причини толку долго не бил донесен ДУП од овие две општини и дали тоа е намерно или не е, не е познато – тврди Миновски.

Тој нагласува дека како директор на ЈП „Водовод и канализација“ уште првиот ден по неговото именување во август 2024 година ревносно се ангажирал околу работата на проектот за изградба на пречистителната станица.

– За да се осигурам дека нема застој во работењето на изведувачот и надзорот и дека сите активности се одвиваат согласно предвидените рокови од договорот, редовно ја следев нивната работа преку Проектната единица, специјално формирана во рамки на претпријатието, а на барање на ЕИБ, чија основна цел е мониторинг и логистика на проектот – истакна Миновски.  

Станува збор за капитален во вредност од 200 милиони евра. Инаку, тендерот за изградба на пречистителната станица го добија конзорциумот: германската фирма „ВТЕ Васертехник“ и домашната  „Жикол“.

Постапката за пречистителната станица започна во декември 2019, кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а директор на „Водовод и канализација“, Душко Весковски. Тендерот беше распишан во јуни 2020 година и тогаш беше кажано дека, со тоа трајно ќе се реши проблемот на отпадни води, од кои најмногу страда Вардар.

Дел од парите, односно 136 милиони евра, се кредит од Европската инвестициска банка, а 70 милиони евра се неповратен грант од Европската Унија.

Инаку, скопската градоначалничка Данела Арсовска со ВМРО-ДПМНЕ почнаа расправија во септември 2022 година токму за тендерот поврзан со пречистителната станица за отпадни води. Таа го обвини тогашниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, дека влијаел на тендерската  постапка, поради што беше разрешен од директорската функција.

Но, потпретседателката на Европската инвестициска банка, Лилјана Павлова, и самата потврди дека тендерот за изградба на пречистителната станица во Скопје се одвивал без проблеми, посочувајќи дека тие следеле посебни правила и процедури и вршеле надзор со вонредни и редовни контроли на процесот на јавната набавка.

Пречистителната станица за отпадни води ќе се простира на површина од 13 хектари во Општина Гази Баба, на левиот брег на Вардар, во областа Трубарево. Откако ќе биде пуштена во функција, ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата за 540.000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет, согласно со европските стандарди. Ќе се намали и протекувањето, па 70 проценти од искористената вода ќе може да се употреби, што е од суштинско значење во период на климатски промени и зголемување на урбаното население. Тоа ќе помогне и водата од Вардар да биде помалку загадена.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ