Министерот за спорт, Борко Ристовски, ја пречека македонската тенисерка Лина Ѓорческа по нејзиниот историски настап на најпрестижниот светски тениски турнир на Вимблдон, каде што првпат во историјата настапи една македонска тенисерка во главната фаза.
Со овој гест, Министерството за спорт и Владата испратија јасна порака дека државата знае да ги препознае, вреднува и да ги почитува спортските успеси, кои испишуваат нови страници во македонската спортска историја.
Министерот Ристовски ѝ честиташе на Ѓорческа за извонредниот успех и за историскиот пласман меѓу најдобрите светски тенисерки, нагласувајќи дека нејзиниот настап претставува момент на гордост за целата држава.
– Лина, да знаеш дека цела Македонија и сите нè направи многу горди и среќни. Ова што го направи е историски успех и доказ дека македонскиот спорт има луѓе што може да се натпреваруваат на најголемата светска сцена – истакна Ристовски.

Ѓорческа се заблагодари за поддршката, потенцирајќи дека настапот на Вимблдон претставува остварување на еден долгогодишен сон, но и дополнителен мотив за нови успеси во кариерата.
Во текот на средбата беше разговарано и за идните планови на Ѓорческа, како и за потребата од системска поддршка на индивидуалните спортови и создавање услови младите македонски спортисти да имаат можност да се развиваат и да настапуваат на највисоко светско ниво.
Во разговорот, министерот Ристовски нагласи дека успехот на Лина Ѓорческа претставува силна инспирација за целата млада генерација спортисти во Македонија, особено во индивидуалните спортови, каде што патот до врвот често подразбира години лично откажување, огромна дисциплина и континуирана борба без доволна институционална поддршка.
Министерството за спорт останува силно посветено на поддршката на секој спортист што со своите работа, посветеност и успеси достојно ја претставува Македонија на меѓународната сцена.













