Живко Поповски-Цветин од македонското здружение „Гороцвет“, кое е организатор на традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“, информира дека ќе започнат активностите в петок, во 13:00 часот, кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, со закројување гранче лоза, кое, заедно со пораката за мир против сите војни, ќе биде пуштено од мостот, кој е во близина на кафената, во осветените води на реката Вардар за да патува низ светот. Со песни ќе се слават виното и љубовта, на улицата „Костурски херои“, под балкон, ќе се пеат серенади.
– Една жена ќе се појави на балконот, таа со балони ќе пушти бонбони, цвеќиња и паричка и ќе прска со вода. Симболиката на ова е тие што ќе ги фатат бонбоните и цвеќињата – ќе се вљубат, а оној или онаа што ќе ја фати паричката – ќе се ожени, односно омажи, односно ќе има свадба. Оние што ќе бидат испрскани со вода, ќе треба да размислат околу формирањето семејство – вели Поповски-Цветин

Годинава, в петок, по 24. пат, македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“ ќе ја организира традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“.
Во изминативе години, оваа манифестација „Гороцвет“ беше организирана во соработка со месната заедница Дане Крапчев, а подоцна беше вклучена и галеријата „Флора арт“.
Годинава, во одбележувањето на празникот на љубовта и виното првпат се вклучи Здружението на пензионерите на Општина Центар, а поддршка дава и Општина Центар.
Живко Поповски-Цветин од македонското здружение „Гороцвет“ информира дека ќе започнат активностите во 13:00 часот, кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, со закројување лоза.
– Закроеното гранче лоза се става во шишенце во кое има и малку црвено вино. Од лозовото гранче истекуваат солзи. Заедно со него се испраќа порака за мир против сите војни, која се пренесува од рака на рака и потоа се пушта од мостот, кои е во близина на кафената „Кај Жабарот“, во осветените води на реката Вардар за да патува низ светот – објаснува Поповски-Цветин.
Потоа поетите Христо Петрески, Горан Анчевски, Весна Дамчевска-Илиевска, Мендо Димовски и други ќе продолжат со рецитирање песни посветени на виното и љубовта. А, пак, хорот „Серенада“ ќе испее неколку серенади заедно со другите присутни учесници на манифестацијата, меѓу кои: хорот „Елегија“, Вики Среброва, Верица Ристевска, Круме Спасовски, Лилјана Стоилковска, Серафина Фантаузо, Љупчо Ангелов и Љупчо Јовановски.
Во кафеаната „Кај Жабарот“ ќе има и мала изложба на околу 16 артефакти од најмалиот етномузеј од селото Џепчиште, сопственост на Симеон Златев-Моне. Артефактите се садови со кои се канеле некогаш сватовите и кои се користеле за пиење вино.
Оттука, како што објасни Поповски-Цветнин, ќе се продолжи по Боемска улица, од каде што ќе се оди во кафеаната „Скопски мерак“, каде што се собираат скопските боеми.
– Тука ќе се одржи беседа за виното, а гостите ќе бидат послужени со пастрмалии. Оттука ќе одиме во кафеаната „Дебар Маало“, на греано вино и на кафе. На улицата „Дебарца“, во кафеаната „Антица“, ќе се отпее песната „Антице, мори душице“, ќе се рецитираат песни, а и хоровите ќе продолжат со пеењето – информираше Поповски-Цветин.
Тој додава дека на улицата „Костурски херои“, под балкон, ќе се пеат серенади.
– Една жена ќе се појави на балконот, таа со балони ќе пушти бонбони, цвеќиња и паричка и ќе прска со вода. Симболиката на ова е тие што ќе ги фатат бонбоните и цвеќињата – ќе се вљубат, а оној или онаа што ќе ја фати паричката – ќе се ожени, односно омажи, односно ќе има свадба. Оние што ќе бидат испрскани со вода, ќе треба да размислат околу формирањето семејство – раскажува Поповски-Цветин.
Оттука учесниците на манифестацијата ќе продолжат во пекарницата „Силбо“, каде што ќе се крши погача и ќе се пие вино.
Манифестацијата ќе се заокружи со посета на слаткарницата „Апче“, каде што ќе има подготвено специјална торта за заблажување. Потоа сите ќе заминат кај своите семејства или пријатели.
(А. П.)













