Божиќните празници се добар период од годината уште еднаш да се потсетите на филмовите кои во изминатите години со задоволство сте ги гледале и ви ги разубавувале овие денови поминати со семејството, но и повторно да се насмеете гледајќи ги авантурите на главните ликови. Со оглед на тоа дека зимскиот период и ниската надворешна температура се добра причина да се остане дома и да се поминат неколку часа удобно сместени на фотелја, ви ги претставуваме, според гледачите, најдобрите божиќни филмови во историјата.

„Тоа е прекрасен живот“ (It’s a Wonderful Life)

Се наоѓа на првото место на оваа листа, како еден од најдобрите божиќни филмови снимени досега. Тоа е филм кој ја зачувува човечката чувствителност дури и надвор од естетиката на времето. Со Џејмс Стјуард и со Дона Рид во главните улоги, и во режија на Франк Капра, во филмот од далечната 1946 година се зборува за еден очаен бизнисмен на кој од небото му е испратен ангел за да му помогне, покажувајќи му каков би бил животот ако тој никогаш не постоел…

„Елф“ (Elf)

За втората позиција е избран филмот „Елф“ во режија на Џон Фавреј од 2003 година, со Вил Фарел и Џејмс Кан во главните улоги. Во него, по откривањето дека е човечко суштество, еден човек израснат како елф на Северниот Пол одлучува да отпатува за Њујорк за да го пронајде својот вистински татко.

„Божиќната песна на Мапетите“ (The Muppet Christmas Carol)

Во овој филм, ликовите од познатото „Мапет шоу“ ја раскажуваат нивната верзија на класичната приказна за искупување на старите и горчливи гревови за време на Бадник. Во филмот од 1992, во режија на Брајан Хенсон, гласовите за познатите  куклени Мапети, како Кермит, Гонзо… ги позајмуваат Дејв Гелц, Стив Витмаир, Џери Нелсон, Френк Оз, а настапува и Мајкл Кејн.

„Всушност, љубов“ (Love Actually)

Во оваа романтична комедија од 2003 во режија на Ричард Куртис, настапува завидна актерска екипа меѓу која Хју Грант, Бил Најт, Колин Фирт, Ема Томпсон, Кира Најтли, Лиам Нисон… Филмот ги следи животите на осум различни парови и нивото справување со сопствениот љубовен живот. Сите осум приказни се лабаво меѓусебно поврзани и се поставени за периодот пред Божиќ во Лондон, Англија.

„Сам дома“ (Home Alone)

Со Меколи Калкин во главната улога, овој филм од 1990 стана голем детски и божиќен хит. Во него, осумгодишниот Кевин мора да ја заштити својата куќа од пар провалници. Тој случајно останува сам дома, додека неговото семејство заминува на божиќен одмор. Режијата е на Крис Колумбос, а во останатите улоги настапуваат Џо Песци и Даниел Стерн.

„Умри машки“ (Die Hard)

Уште еден голем холивудски хит, но и филм кој Американците го сметаат за божиќен. Со Брус Вилис во главната улога и во режија на Џон Мектирнан, ова е првиот филм од истоимениот серијал. Во него, за време на божиќната ноќ, еден полицаец се обидува да ги спаси својата сопруга и други заложници од германски терористи за време на една божиќна забава во Лос Анџелес.

„Божиќен одмор на Нешенал лампионс“ (National Lampoon’s Christmas Vacation)

Во овој филм од 1989 година, плановите на семејството Гризолд за еден голем семеен Божиќ се претвораат во голема катастрофа… Во него, улогите ги толкуваат Чеви Чејс, Беверли ди Анџело, Џулиет Луис, а режијата е на Џеремаја Чечик.

ИЗДВОЕНИ