Американскиот претседател Доналд Трамп им посака Среќен Божиќ на сите на својот профил на социјалните мрежи, „вклучувајќи го и радикалниот лев олош“, осврнувајќи се на неговите демократски противници, кои редовно ги обвинува дека се причина за сето зло.
„Среќен Божиќ на сите, вклучувајќи го и радикалниот лев олош кој прави сè што може за да ја уништи нашата земја, но целосно не успева во тоа“, наведе републиканскиот претседател на мрежата Truth Social, а потоа наброја што смета за успех во неговиот мандат.
„Повторно сме почитувани, можеби како никогаш досега. Бог да ја благослови Америка!!!“
Доналд Трамп редовно ја обвинува Демократската партија, а особено поранешниот претседател Џо Бајден, за тешкотиите со кои се соочуваат САД и светот, пренесува АФП.
Со својот остар стил, тој лесно ги вклучува сите демократи и политички противници во категоријата „радикална левица“, дури и оние кои се сметаат себеси за умерени или центристи.
Доналд Трамп ги поминува божиќните празници во Мар-а-Лаго, неговата резиденција во Флорида.












