Православните христијани денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово-Божик

47

Православните христијански верници во земјава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Одбележувањето на Бадник во Скопје ќе почне пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.

Според најавите од организаторите, како и минатата година, делењето бадникови гранчиња ќе се одвива во дворот на Храмот од страната на булеварите „Партизански одреди“ и „Св. Климент Охридски“.

Кум на годинашното одбележување е бизнисменот Зоран Кондратенко, а здравичар е музичарот Јаков Дренковски.

По осветувањето на гранчињата, подигањето на Бадникарското знаме и исполнувањето на Бадниковата химна, кумот Кондратенко и здравичарот Дренковски, заедно со претставници на Одборот ќе го посетат Домот за стари лица во Злокуќани при што ќе врачат пригодни подароци на штитениците за да им ја доловат атмосферата во пресрет на големиот христијански празник Божик и заедно со сограѓаните и персоналот да ги споделат радоста и среќата што ги носи претстојниот голем празник.

Новиот кум и здравичар по престојот во Злокуќани ќе се упатат кон Соборниот храм, каде претходно со пајтон ќе пристигнат минатогодишниот кум Раде Макеларски и здравичарот Атанас Петров. Потоа во присуство на поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан и свештенослужители ќе се одвива чинот на предавањето на Бадникарскиот ќуп на новите кумови, по што ќе се обрати поглаварот на МПЦ и ќе се освети погачата.

По завршувањето на церемонијата новиот кум со ќупот заедно со здравичарот со пајтон ќе го напуштат храмот „Свети Климент Охридски“ и ќе се упатат кон своите домови.

Во Скопје оваа година поворките ќе започнат од пред Музеј на Град Скопје, со движење низ ул.„Македонија“, а ќе завршат на Плоштадот во Скопје, каде ќе се одржи голем концерт.

Во организација на Здружението „Бадникови поворки“, денеска ќе се одржи Бадниковата манифестација за 2026 година во повеќе од 80 градови и населени места низ земјава, како и меѓу македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави.

Централен настан ќе биде големата Бадникова поворка во Скопје, која ќе започне во 12:00 часот од Музејот на Град Скопје, ќе се движи по улицата „Македонија“ и ќе заврши на плоштадот „Македонија“, пред сцената кај Божикната пештера.

По пристигнувањето на поворката на плоштадот „Македонија“, ќе следува „Божикната авантура“ – голема музичко-сценска изведба во живо, со повеќе од 40 музичари, пејачи, актери и учесници од „Златно славејче“. Мјузиклот е реализиран под уметничко раководство на Владо Дојчиноски, со драматургија на Билјана Крајчевска, и преку музика и сценска приказна ја пренесува пораката за Рождеството Христово.

Традиционално, во претпладневните часови, групи деца и млади од Бадниковите поворки ќе остварат празнични посети кај претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, споделувајќи ја радосната вест за Христовото Рождество.

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници.

Божик е Господов празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза.

Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.

Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик.

ИЗДВОЕНИ