Одлука дека ја признава каноничноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија донел на својата седница одржана на 21 мај 2025 година, Светиот архијерејски синод на Православната Црква во Америка. Истовремено, ПЦА го потврдува целосното евхаристиско општење со македонските епископи, свештенство и верници. Оваа вест беше соопштена од страна на поглаварот на Православната Црква во Америка, Неговото Блаженство Архиепископ Вашингтонски и Митрополит на сета Америка и Канада г.г. Тихон во неговиот извештај од 15 јули 2025 година, претставен пред 21-от Сеамерикански црковен собор, кој оваа недела се одржува во Феникс, Аризона, САД.
-Оваа одлука дојде на барање на Неговата Светост Патријархот Српски Порфириј, кој, во официјална кореспонденција со Неговото Блаженство, побара Православната црква во Америка, во согласност со Томосот доделен од Српската православна црква, да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија –се наведува во објавата на веб-сајтот на Православната Црква во Америка.
Канцелариите на Митрополитот Тихон и Неговото Блаженство, Архиепископот охридски Стефан, моментално планираат сослужение меѓу двајцата Претстојатели, кое ќе се одржи во катедралата Свети Никола на Митрополитот Тихон во Вашингтон.
-Ова сослужение, како што Митрополитот Тихон го информираше Сеамериканскиот совет, ќе биде крунисано со формално признавање на автокефалноста на Македонската православна црква, која го зазема своето место покрај Православната црква во Америка како целосно автокефална помесна православна црква – се наведува во објавата.
Православната црква во Америкаво 1970 година доби автокефалноста од Руската православна црква, а нејзина автокефалност ја признаваат и Бугарската, Грузиската, Полската и Правславната црква на чешките змеји и на Словачка. Таа не е признаена како автокефална црква од Вселенската, Александриската, Антиохиската и Ерусалимската патријаршија, како и од страна на Романската, Кипарската, Грчката и Албанската православна црква, но тие со неа се наоѓаат во канонско и евхаристичко единство и ја сметата како самоурпавна црква во составот на Руската православна црква. (Б.Ѓ.)
Фото: Веб сајт на ПЦА