ПРАВИЛАТА СЕ МЕНУВААТ: Еве на кого Германија повеќе нема да издава пасош

265
pexels

Германската влада планира следната недела да спроведе коалициски договор за дополнително заострување на законите за имиграција, кои вклучуваат укинување на забрзаната процедура за стекнување германско државјанство и стопирање на обединувањето на семејството за лицата со дополнителна заштита.

„Досега, до 1.000 луѓе месечно можеа да емигрираат во Германија како дел од програмата за обединување на семејството. Сега тоа е крајот“, рече министерот за внатрешни работи Александар Добриндт (Христијанско-социјална унија ЦСУ) во интервју за дневниот весник „Билд“.

Тој појасни дека на владина седница оваа среда Владата ќе донесе измени на законите договорени во коалицискиот договор на новата демохристијанско-социјалдемократска влада, а кои се однесуваат на стопирање на програмата за обединување на семејствата и укинување на забрзаното стекнување државјанство.

Отсега, луѓето кои во Германија уживаат во таканаречената супсидијарна заштита повеќе нема да можат да носат членови на семејството во Германија.

Лица со супсидијарна заштита се лица на кои не им е одобрен азил, но не се протеруваат затоа што им се заканува прогон во земјата на потекло или нивните животи се во опасност. Откако ќе престане опасноста во земјата на потекло, на пример по завршувањето на војната, престанува да важи и супсидијарната заштита.

Мерката за укинување на правото на обединување на семејството во моментов се воведува на две години.

Истовремено, неодамна донесениот закон за забрзано стекнување германско државјанство по само три години престој во Германија се укинува.

„Мораме да ги елиминираме факторите кои привлекуваат бегалци во Германија. А со тоа покажуваме дека миграциската политика во Германија се менува“, рече Добриндт.

Како една од првите мерки откако ја презеде функцијата на почетокот на месецот, Добриндт воведе построга контрола на германските граници и враќање од границите на сите оние кои ги немаат потребните документи за влез во земјата, вклучително и оние кои сакаат да поднесат барање за азил во Германија.

Најавите за заострување на имиграциските закони беа критикувани од опозициската партија Зелени.

„Новата влада спроведува политика на обични симболи и тоа над грбот на најслабите, а во исто време не престанува ниту да го прекршува законот“, рече Шахина Гамбир, внатрешно-политичка портпаролка на Партијата на зелените.

За Унијата ЦДУ/ЦСУ и канцеларот Фридрих Мерц, драстичното намалување на нерегуларната имиграција е една од централните задачи на новата влада.

ИЗДВОЕНИ