Има ли адути бегалецот Артан Груби, кои, за само половина ден, направија да му се симнат полициските лисици, да си замине од Судот дома со придружба, испратен со титули од своите приврзаници што го чекаа надвор, а на кои тој им возврати со задоволна насмевка?
Одлуката поранешниот вицепремиер, осомничен во предметот „Државна лотарија“ тежок над осум милиони евра, да биде префрлен од затворски во куќен притвор со 24-часовен полициски надзор предизвика силни реакции во политичката и во правната јавност. Иако затворските власти и тогаш и сега гарантираат за неговата безбедност во истражниот затвор во Шутка, сепак, аргументите што му биле сервирани на обвинителот од ОЈО Скопје, Даниле Коцев, натежнале во одлуката за домашен притвор. Судијата на претходна постапка во случајот, Марин Станевски, според ЗКП, не можел да донесе построга мерка од предложената, па одлучил осомничениот да биде обезбедуван од дома – 24 часа и да му се одземе пасошот, истиот оној со кој пред година и два месеци избега од земјава, по што беше распишана потерница со која го бараше и Интерпол.
Одлуката отвора сериозни дилеми, рече министерот за правда, Игор Филков, и ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители итно да свикаат седници и да утврдат дали има основа за одговорност кај судијата и кај јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
– Досега, почитувајќи го принципот на поделба на власта, не сум коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки. Тоа е темел на правната држава. Но кога отвораат одлуките сериозни дилеми и ја доведуваат во прашање еднаквоста пред законот, должност ми е да побарам отчетност – изјави Филков на прес-конференција.
Тој потсети дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство и за кое ризикот од бегство веќе се остварил.
– Јавноста има право да знае врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е донесена одлуката за поблага мерка – нагласи министерот, јавно повикувајќи ги јавниот обвинител Даниел Коцев, раководителот на Обвинителството, Анел Фидоски, и судијата на претходна постапка, Марин Станевски, да дадат детално образложение.
Најави и вонреден надзор во казнено-поправните установи, со цел утврдување на безбедносната состојба.
– Залудно носиме закони ако не се спроведуваат. Залудно зборуваме за реформи ако практиката ја руши довербата. Ова не е прашање на политика, туку на принцип – порача тој.
Агенцијата за национална безбедност и Министерството за внатрешни процениле дека Груби не бил безбеден во затворот, го објаснуваат куќниот притвор од ОЈО Скопје. Во првичното соопштение на ОЈО, тврдеа дека не само неговата сигурноста туку и дека од надлежните органи имало информации дека била загрозена и сигурноста на неговото семејство.
– Мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е, исто така, притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа. Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по процена на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност – наведуваат од Обвинителството, додавајќи дека деталите биле презентирани и пред судијата на претходна постапка.
Од МВР кратко одговараат за весникот ВЕЧЕР дека сите информации и сознанија поврзани со осомничениот ги споделиле со јавниот обвинител.
„Двојни стандарди“ или оправдана процена?
Одлуката, сепак, отвори прашања во јавноста, особено поради фактот што првично бил определен притвор токму поради опасноста од бегство. Реагираше поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски.
– Во „Шутка“ ме ставаа и вадеа три пати и ниту еднаш не побарав заштита или се повикав на мојата сигурност и безбедност. Од народот ли се плаши Артан Груби? Народот ли е криминалец или тој? – напиша Панчевски на својот ФБ-профил.
Јане Ченто, пак, потсети дека поминал 28 месеци во притвор и дека бил вратен во затвор и покрај, како што тврди, постоењето докази дека не го прекршил куќниот притвор.
– Со камери во мојот дом докажав дека сум бил дома. Докази имаше. Снимки имаше. Од МВР тврдеа спротивно – и никому ништо – наведе тој.
Адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ оцени дека суштината е во еднаквата примена на законот.
– Праведен ред значи јавен обвинител што нема да прави разлика меѓу политички моќници и граѓани без влијание. Додека не се воспостави тоа, надежта за суштински промени останува неизвесна – посочи тој.
По ова, останува отворена дилемата: како лице што повеќе од една година беше недостапно за органите на прогонот, по враќањето станува безбедносно загрозено во институција што е под целосна контрола на државата? Дали станува збор за конкретни и сериозни закани или за превентивна институционална процена поради политичката тежина на случајот – јавноста засега нема увид во деталите.
Она што е извесно е дека одлуката за куќен притвор со 24-часовен надзор наместо затворски притвор прерасна во тест за довербата во правосудниот систем, доверба што, како што предупреди и самиот министер, „се гради со принцип, а се руши со перцепција на нееднаквост“. (П. А.)
ПАРТИСКИ ФРОНТОВИ ОКОЛУ СЛУЧАЈОТ „ГРУБИ“
Одлуката за домашен притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби и вчера отвори жестока политичка пресметка меѓу партиите, кои меѓусебно се обвинуваат за контрола врз правосудството и за политичко сценарио во заднина на случајот.
СДСМ остро реагираше, оценувајќи дека „правната држава е целосно погребана“ и дека „’дилот’ меѓу ВМРО-ОКГ и ДУИ се реализира пред очите на јавноста“.
Од партијата велат дека по „театарот на граница, со договорено враќање и режирано снимање“, следувал куќен притвор, како „потврда дека сè е однапред договорено“.
– Иако еднаш избегал, Обвинителството побарало поблага мерка. Замислете, еднаш избегал, а сега бараат куќен притвор – стои во реакцијата, во која директно се посочува на новата раководна поставеност во Обвинителството, како дел од, како што велат, „целосната контрола врз системот“.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека го разбираат револтот на граѓаните „од правосудните органи со 2 проценти доверба“, но вината ја лоцираат во, како што наведуваат, „седумгодишната агонија под политичка тортура на криминалната банда СДС – ДУИ“.
– Извршната власт има обврска да го обезбеди бегалецот пред органите на правдата, и МВР го направи тоа – велат од партијата, додавајќи дека „криминогениот и до гуша во афери Артан Груби ќе одговара“ и дека „ќе има правда“.
Во албанскиот политички блок, реакциите се насочени кон политичките импликации за ДУИ и за нејзиното раководство. Од коалицијата „Вреди“ оценуваат дека не може да се третира случајот како индивидуален, бидејќи Груби „бил еден од клучните луѓе во носењето одлуки“ во изминатите години. Според нив, постапката отвора дилеми „за начинот на кој се носеле одлуките и се управувало со моќта“, а јавноста има право на целосно расчистување на политичката одговорност. Од ДУИ, пак, изразија крајно негодување од длабоката политизација на случајот, обвинувајќи дека се создава „атмосфера на хистерија и линч преку однапред дефинирана пресуда“.
– Неприфатливо е политичките партии да ја преземаат улогата на обвинители и судии – наведуваат од партијата, додавајќи дека очекуваат „фер, непристрасна и транспарентна процедура, ослободена од партиски влијанија“.
ДУИ порачува дека ќе реагира на „секој обид за селективност, двојни стандарди или политичка инструментализација на правдата“.












