сабота, јануари 24, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „Правдата што доцни не е правда“: 36. Mарш за ангелите во Кочани

„Правдата што доцни не е правда“: 36. Mарш за ангелите во Кочани

14

Родителите и блиските на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска со протестен „Марш за ангелите“ 36. по ред, уште еднаш побараа целосно расветлување на трагичниот пожар.

„Правдата што доцни, не е правда,“ беше клучната порака на маршот, со најава дека Кочани ќе продолжи со протести сè додека виновниците не се соочат со законот.

На маршот со едноминутно молчење, беше одадена почит и на загинатата млада дизајнерка Фросина Кулакова, која загина во сообраќајка во Скопје.

Освен барањето неселективна правда за загинатите, и повредените во катастрофалниот пожар мака мачат со повредите.

Граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ соопшти дека државата наплатила над 2,2 милиони денари персонален данок од средствата собрани преку донации за помош на настраданите во пожарот во кочанското кабаре „Пулс“.

 

„Со цел помошта да стигне таму каде што е најпотребна, одлучено е 123 лица да добијат по 15.968 денари, а 19 лица по 45.992 денари“, соопштуваат од „Сапорт Кочани“.

Во трагичниот пожар во кочанското кабаре „Пулс“ животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.

И денеска беше упатена остра критика до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал (ОЈО ГОКК), со обвинување дека постапката започната на 12 јуни 2025 година намерно се одолговлекува.

„Месеци слушаме дека истрагата е во завршна фаза, а одлука сè уште нема. Во трагедија од вакви размери, секое доцнење е неправда. Бараме рок, одлука и одговорност!“ – порачаа организаторите.

Блиските и роднините се категорични дека нема да дозволат случајот со 63-те жртви да стане „уште една затурена папка“ во судските архиви.

ИЗДВОЕНИ