Прават заби на државен трошок, а живеат на европска нога

ФЗО ќе ја прочистува листата на осигуреници поради злоупотреба

1077

Ќе се прочистува листата на осигуреници бидејќи се злоупотребува, а Фондот за здравствено осигурување трпи штети, најави директорот на ФЗО, Сашо Клековски, на брифинг со новинарите. Од вкупно 1.845.007 осигурени по различен основ, околу 477.000 се невработени кои добиваат здравствено осигурување бидејќи државната политика е здравството да биде достапно за секој граѓанин. Сепак, во ФЗО увиделе дека пари се одлеваат и за луѓе кои живеат и работат во странство и немаат приходи во Македонија и кон оние што работат за странски фирми и парите ги подигнуваат преку „Пејпал“. Со одлука на Владата ќе се формира работна група во која ќе се вклучат Управата за јавни приходи (УЈП) заради проверка на сметките на сомнителните осигуреници и Министерството за внатрешни работи (МВР), од чија база ќе се проверува влезот и излезот на граѓаните од земјата и надвор од неа.

– Прашањето што си го поставивме е дали меѓу овие осигуреници кои кај нас се водат како невработени се наоѓаат луѓе кои имаат приходи или живеат во странство, што на Фондот му прават штета, односно загубени приходи од придонеси, вели директорот на ФЗО Сашо Клековски.

Од Фондот немаат пресметано колку штета е причинета од луѓето со непријавени приходи, а не се осигурени по ниту еден основ, односно се водат како невработени. Според Клековски, мерката ќе почне да се спроведува од февруари следната година, а проверките ќе се прават со вкрстување на податоците од базите на институциите. Со тоа се очекува да се ревидираат и капитациите што ги земаат матичните лекари за овие неосигурени луѓе.

Градежници, земјоделци, угостители, информатичари се дел од неосигурениците кои придонесуваат за високиот процент на сивата економија во Македонија и не плаќаат здравствено осигурување. Од Фондот велат дека им следува бидејќи се водат како невработени и месечно пријавиле приход под минималната плата, а на пример преку издавање на станови заработуваат илјадници повеќе. Македонските гастарбајтери, пак, го користат бесплатното здравство кога доаѓаат во лето, а најчесто поправаат заби.

-Ризикот од злоупотреба се лицата кои :неформално работат во сивата економија и лицата кои живеат или приходите им се во странство. И едните и другите немаат регистрирани приходи во земјата и се квалификуваат за бесплатна здравствена заштита, поради што Фондот трпи штети и по основ на приходи за здравствено осигурување и по основ на повеќе исплатени капитации за матичните лекари,изјави Клековски на брифингот со новинарите.

Фондот го покрива здравственото осигурување по 30 основи, најмногу се вработени што примаат плата или вкупно 892.535 илјади. Следни се невработените или околу 477.000 илјади,  пензионерите се вкупно 406 463, индивидуалните земјоделци околу 31 000 илјади, невработени додека примаат паричен надоместок се 6539, а самовработени околу 5300.

ИЗДВОЕНИ