Пратениците утре ќе гласаат за изборот на Азир Алиу за министер за здравство

33

Собранието, утре, во рамките на 54. Седница, треба да го разгледа владиниот предлог Азир Алиу да биде министер за здравство. На седницата, според дневниот ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Предлог-текстот за Алиу доставен од Владата е потпишан лично од премиерот Христијан Мицкоски. Според биографијата на кандидатот, Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки, кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Тој беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година и, согласно со доставената биографија, бил и на други високи и одговорни позиции.

Премиерот Мицкоски, минатата недела, во изјава за медиумите, рече дека очекува добра соработка со Алиу во рамките на Владата. Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, смета дека Алиу е најдобар предлог за министер за здравство. Според Меџити, министерот треба да биде добар менаџер, кој го познава системот и кој може да придонесе за подобрување на ресорот.

Алиу е дел од Алијанса за Албанците, која останува во „Вреди“ по оставката на Арбен Таравари од 15 мај годинава и одлуката да замине во опозиција.

И предлогот за Хоџа да биде заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е потпишан од премиерот Мицкоски. Во биографијата на кандидатот се наведува дека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство и дека го стекнал своето образование на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.

 

ИЗДВОЕНИ