Пратениците немале увид во документите на АНБ

55

Празни во очите, полни во рацете излегоа народните избраници од Агенцијата за национална безбедност каде требаше да извршат надзор на документите со кои според првиот човек на АНБ се докажуваат наводите од новиот случај на незаконско следење на комуникациите. Од Собранието информираат дека пратениците-членови на Комисијата за надзор на АНБ и АР, немале можност за увид во документацијата бидејќи од Агенцијата се повикале на истрагата на обвинителството за случајот.  Сепак од просториите на Агенцијата која се наоѓа во склоп на МВР, тие излегоа со сини репрезентативни пакетчиња со амблемот на АНБ. Дел од медиумите објавија дека најверојатно станува збор за вино.

Од Собранието додаваат дека пратениците кои влегоа во АНБ со безбедносен сертификат се сретнале со директорот на Агенцијата Бојан Христовски кој ги информирал во врска со неправилностите и недостатоците, односно за непрофесионалното и незаконито постапување во Агенцијата, во периодот од 2019 година до 2024 година. Воедно, тој ги информирал членовите на Комисијата и дека се доставени известувања до надлежно Јавно обвинителство кое постапува во конкретниот случај.

-Дополнително, разговарано беше и за потребата од институционално постапување и решавање на предметите во врска со доставените известувања до надлежното ОЈОГОКК во согласност со законската регулатива и утврдените постапки од една страна и важноста и потребата за остварувањето на суштински надзор над работењето на Агенцијата од собраниската Комисија од друга страна. На средбата членовите на Комисијата беа информирани и за други теми поврзани со работењето на АНБ и активности кои што се преземаат со цел подобрување на условите за работа и отстранување на недостатоците во работењето“, информираат од Собранието.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче, на прес-конференција уште еднаш побара да се декласифицираат материјалите и и порача на владејачката партија дека  СДСМ ниту се плаши, ниту има од што да се плаши.

-Упорно баравме и бараме декласификација на материјалите. Ние немаме од што да бегаме. Вистината е една и таа ако излезе на виделина тогаш граѓаните ќе видат дека во времето на СДСМ немало злоупотреба на АНБ, ниту незаконско следење и прислушкување. Жалам што ниту на пратениците не им бил даден увид во тие материјали иако имаат безбедносни сертификати и на ваков начин е погазен Уставот. Не може во име на судската власт да се погази законодавната власт. На ВМРО-ДПМНЕ така ќе им пукне ова, како петарда во рацете, сакале да конструираат афера во предизборието. Да видиме од материјалите кои луѓе и групации биле пратени, зошто, дали премиерот комуницирал со нив, дали имало злоупотреба, рече Филипче

Премиерот Христијан Мицкоски прашан за коментар по поплаките од опозицијата дека не им бил дозволен увид во документите во АНБ изјави дека не би сакал да коментира такви класифицирани работи.

– Си има процедура Обвинителството, во нивни раце е, така што на таа тема повеќе нема што да додадам, сепак тоа се теми во кои сум бил индиректен учесник и не би имал што да кажам, рече Мицкоски

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, пред посетата на АНБ, очекуваше дека Агенцијата ќе има слух за барањето за декласификација на материјалите во врска со наводите за прислушување, додека нејзиниот колега од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов изјави дека она што е важно е да се види што се случувало во АНБ и кој сè бил таргет на следење во периодот кога партијата чиј член е беше во опозиција. Во текот на денешниот ден пратениците треба да ја посетат и Агенцијата за разузнавање.

ИЗДВОЕНИ