четврток, февруари 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРАШАЊЕТО ЗА ЕКС-ВИЦЕПРЕМИЕРОТ НА СОБРАНИСКА ГОВОРНИЦА НО, НЕ ОД ОПОЗИЦИЈАТА: Кој се...

ПРАШАЊЕТО ЗА ЕКС-ВИЦЕПРЕМИЕРОТ НА СОБРАНИСКА ГОВОРНИЦА НО, НЕ ОД ОПОЗИЦИЈАТА: Кој се плаши од Артан Груби ?!

Факт е дека лицето е обезбедено, а сè друго е работа на другата власт. Допрва почнува агонијата за поединци. Тоа треба сите да го знаат. И кога доаѓа крајот, тие се обидуваат како мачка да скокнат на очи. Но заборавиле дека ние сме лавови и ваквите како нив ќе одговараат. И таа потсвест ќе продолжи да им прави немир и во периодот што следува – нагласи македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, во одговорот на пратеничкото прашање, но не од страна на опозициските пратеници како што се очекуваше, туку од пратеникот Љупчо Пренџов, од редовите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ

405

Приведувањето на поранешниот вицепремиер, Артан Груби, реакциите во јавноста околу начинот на кој се случило тоа, сомнежите за некаков договор, но и прашањето што можат да донесат истражната постапка и судскиот процес, денеска се најде и како тема на пратенички прашања во македонското Собрание. Таквото прашање му беше поставено на премиерот Христијан Мицкоски, но не од страна на опозициските пратеници како што се очекуваше, туку од пратеникот Љупчо Пренџов, од редовите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. И самиот Пренџов го нагласи тоа додека поставуваше прашање од собраниската говорница потенцирајќи дека никој од опозицијата, чии клупи во тој момент беа празни, не се осмели да го постави тоа прашање.

Она што се случува овие денови, почитуван премиере, вие сте цел на обвинување од страна на СДС, дека имате договор со ДУИ, прво да се пушти Артан Груби да избега од Република Македонија, од прес-конференции уверуваат дека тоа е договор, како балерина пред огледало кога е сама, притоа кога треба да има натпревар, и овде да се соочите, тие не ги поставуваат прашањата. Еве, ние ќе ги поставиме. Дали имало договор Артан Груби да биде пуштен? Дали и како реагирате на обвинувањата од СДС дека сте се договориле да се врати? Значи прво да го пуштите, и потоа да се врати – нагласи Пренџов.

На ова, премиерот Мицкоски одговори дека јавноста со право е вознемирена и дека го разбира револтот кај одредена група граѓани. Според него, Груби, заедно со неговите коалициони партнери, се однесуваше недостоинствено кон граѓаните, кон сите етнички заедници.

– Немам против во својата потсвест некој да ја обвини Владата дека има некаков договор, но да дојдеме до логиката. Која е логиката? Опозицијата вели дека оваа власт се договорила со Артан Груби. Ова е нивна политичка теза присутна во јавноста. Ајде да видиме што е вистина, а што политички инженеринг? Јас, како човек, бев најнапаѓаниот од истото ова лице, Артан Груби. Се сеќавате ли на „па, па Мицко“. На празникот Прочка се креваа беспилотни летала на имотот на мојата сестра и тој имот се претставуваше како мој. И сега, по некоја чудна логика, јас излегувам како претседател на Владата и се договорам со овие што сакаат да го видат мојот политички крај, и крај како човек. Ова нема никаква логика рече премиерот.

Тој додаде дека е главна цел и на опозициската партија ДУИ.

Главна цел сум јас и сега, по некоја чудна логика, јас излегувам и се договарам со оние што го сакаат мојот политички крај, а дел од нив и човечки крај. Ова е хронологијата. Тоа нема здрав разум. Фројд работи во СДСМ мислат дека ако тие договарале и монтирале судски случаи дека и сега се прави истото, а всушност, се плашат како ќе заврши сето ова. Тој е обезбеден од органите на ред, а сè друго е работата на другата власт. Потсвеста е чудна. Ги гуши сега тоа што знаел Груби? И дека може да се прошири делото – од лотарија да прејде во здравството, за канабисот. Вознемирени се со тоа како може да заврши сето ова. Повеќе го немаат обвинителот Љупчо Коцевски како штит, ќе добиеме нов обвинител и правдата ќе биде заштитена. А на оние што сега им работи совеста, немирни се, тешко спијат, нервозни се, тоа се гледа на прес-конференциите. Немирот си го прави своето. Сега велат, доаѓа крајот. Факт е дека лицето е обезбедено и допрва почнува агонијата за поединци. Тоа треба сите да го знаат. И кога доаѓа крајот, тие се обидуваат да скокнат како мачка на очи. Но, заборавиле дека ние сме лавови и ваквите како нив ќе одговараат. И таа потсвест ќе продолжи да им прави немир и во периодот што следува – нагласи македонскиот премиер.

Според него, допрва почнува агонијата за поединци.

Принципиелно ги разбирам граѓаните и нивниот револт. Јас немам право да бидам емотивен. Процесот, сам по себе, ќе даде одговор. Времето работи на нивна штета. Очекувам дека со новиот обвинител и раководство ќе се гарантира независност и заштита на правдата. А за одредени лица агонијата допрва почнува – рече премиерот Мицкоски.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пак, своите пратенички прашања до премиерот ги врза за тоа што пратениците на мнозинството ги оставија работниците без заслужено зголемување на платите, за неуставниот предлог на законот за високо образование, лошата состојба во земјоделството, за новиот македонски конзул во Србија Душан Адамовиќ…

– Како и секогаш, немате никаков точен одговор на ниту една тема, само спин. Премиере, вака не се води влада, ни држава. Луѓето се незадоволни. Не се бранат работите така како што вие ги кажувате. Тоа, едноставно, оди така. Не се брани со тоа што нема да им излезете во пресрет на земјоделците. Не се брани со тоа што нема да им ги зголемите платите на работниците. Луѓето очекуваат поддршка од вас, а не Харис Џиновиќ, Дубаи и така натаму. Не сакаат да го слушаат тоа. Тоа е кафеански муабет. Еве, сега гледаме дека сакате да бидете експерт во сè, ама ако сте експерт во сè, слушнете ги луѓето, слушнете ги нивните барања и најдете им решенија, затоа што се друго е импровизација рече Филипче.

Тој постави и прашање: „Кој е Душан Адамовиќ, новоназначениот конзул на Македонија во Србија, кој на ’Твитер’ пишува дека Македонија е полусрпска?“ Мицкоски, пак, одговори дека Филипче поставил „мекотелни“ прашања, дека му напишале што да праша, додавајќи дека Филипче ќе остане лидер на „најмекотелната партија“ во Македонија.

За Адамовиќ, прашајте си го вашиот поранешен министер за правда и продолжете политиката да ја водите од „Твитер“ кажа кусо Мицкоски.

Претходно, собранискиот претседател Африм Гаши, на брифингот со новинарите, одговарајќи на прашањето за случајот со Артан Груби, рече дека крајно време е судството, обвинителството и секоја институција да работат совесно и професионално и секоја институција да не се меша во друга.

Крајно време е да престанеме да се мешаме во судството. Таа перцепција кај граѓаните, дека има некаков договор, остава лошо чувство кај сите граѓани. Така, мојата порака би била, секоја институција да си ја заврши својата работа. Во овој дел, судството и обвинителството нека си ја вршат својата работа совесно и професионално. Тоа ќе биде доволно граѓаните да бидат задоволени. На крајот на краиштата, битна е правдата – рече тој, додавајќи дека крајно време е сите да се свестиме дека немаме време за губење за воспоставување на правната држава. (Б. Ѓ.)

Ќе се одземат уште голем број други лиценци на фирми за марихуана

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на премиерот Мицкоски му постави и прашање како петте тони на марихуана од Македонија пронајдена во Србија ја поминала нашата граница. Пратеникот Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ праша какви се резултатите од истрагата за криминалот поврзан со фабриките со марихуана?

На ова, Мицкоски одговори дека времето ќе даде одговор, зашто случајот не случајно започнува во Србија.

Оваа Влада работи. Одземени се шест лиценци, а очекувам да бидат одземени уште голем број други лиценци. Во минатото, главна економска политика беше давањето лиценци за канабис, не случајно фирмите ги концентрираа во еден регион. Кои се фактите? Факт е дека фирмата од која се одземени 30 тони канабис има роднинска поврзаност со претседателот на локалната организација од опозицијата од Ново Село. Факт е дека овие испораки завршувале до луѓето блиски до претходната власт. Ние молчиме и велиме дека големите работи се случуваат во тишина, а тие сакаат камери, естрада. Конечно, дојде време за наплата на она што било погрешно. Сега се револтирани. Некои од нив се преиспитуваат кој документ напишале, потпишале. Тие се молат истрагата што побрзо да заврши, да видат на што се. Очекувам правдата конечно да дојде на своето место – нагласи премиерот.

ИЗДВОЕНИ