
Минатиот ноември, Рубен Аморим седна на „жешката“ клупа на англискиот гигант, Манчестер Јунајтед. Неговата дебитантска сезона беше далеку од идеална и тој постигна еден од најлошите пласмани во модерната историја на овој клуб.
Во англиската Премиер лига заврши на очајното 15-то место, а последниот удар на неговиот тим му го зададе лондонскиот премиерлигаш Тотенхем.
Популарните „петли“ ги победија „Црвените ѓаволи“ во финалето на Лигата на Европа, оставајќи ги без нов трофеј и без место во Европа оваа сезона.
И покрај сето ова, челниците на Манчестер Јунајтед решија да го поддржат својот менаџер и тој остана на таа позиција.
Тимот на португалскиот стручњак ја започна новата сезона многу лошо, а навивачите на клубот се најмногу „повредени“ од елиминацијата од Гримсби Таун во ЕФЛ Купот.
Сега, се појави една од причините зошто клубот не сака да го отпушти Аморим, а тоа е големата отпремнина што би морале да му ја дадат.
Имено, ако го отпуштат во рок од една година од потпишувањето на договорот (1 ноември), би морале да му платат дури 12 милиони фунти.
Сега е речиси сигурно дека Португалецот нема да биде отпуштен до 1 ноември, а потоа треба да биде многу загрижен за својата позиција ако продолжи со лошите резултати.