„Ликот секогаш се обидува да го поправи просторот. Просторот постојано се менува, така што ликот никогаш нема контрола. Изедначете се со ликот. Не се дејствува, туку само се реагира на просторот. Сите ликови се играат самите себеси. Глумата не е да се трансформирате себеси, туку да го замените просторот со тој на вашиот лик. Само просторот може да го оживи ликот. Просторот не е само околу нас, тој е и во нашите глави. Не барајте што сака ликот, барајте од што се плаши. Обрнете внимание на разликата помеѓу тоа што го кажува ликот и тоа што го прави. Зборовите потфрлаат. Поезијата е почовечна од прозата“. Ова се дел од клучните поенти, корисни насоки наменети за актерите, а содржани во книгата „Актерот и просторот“ од познатиот театарски режисер Деклан Донелан, што денеска беше промовирана во фоајето на Театар Комедија, во присуство на авторот кој деновиве престојува во Скопје. Донелан во нашата земја е со сценографот и костимограф Ник Ормерод, а заедно се основачи и уметнички директори на интернационалната театарска компанија „Чик бај Џоул“ (Cheek by Jowl).
На промоцијата, наменета пред сè за театарски професионалци (актери, режисери, театролози), разговорот со Донелан и Ормерод за книгата го водеше театрологот Иван Додовски.
Од Додовски, пред присутните на промоцијата, Донелан беше најавен со цитат од француски „Ла Фигаро“, како е „еден од најоригиналните режисери што постојат – Ирец по потекло, Англичанец по образование, европски по култура, универзален по мисла“. Појасни дека заедно со Ормерод во 1981 година ја основаат театарската компанија „Чик бај Џоул“, која оттогаш продуцира над 40 претстави, кои се изведуваат низ повеќе од 400 градови на шест континенти. Во својата кариера поставил големи европски класици од писатели како Шекспир, Расин, Корнеј…, а за својата работа Донелан е награден со бројни награди. Автор е и на познатата книга „Актерот и целта“ објавена во 2002 година со цитатот: „Театарот не може да умре пред да се отсонува и последниот сон“.
„Откако ‘Актерот и целта’ беше објавена пред повеќе од дваесет години, со Ник Ормерод продолжуваме да зборуваме за театарот и за глумата обидувајќи се да сфатиме што ја прави изведбата подобра“, ќе напише Донелан во предговорот на новата книга „Актерот и просторот“, истакнувајќи дека таа е резултат на нивните размислувања за време на ковид-пандемијата.
„Станува збор за развивање на темите од ‘Актерот и целта’, а не нивно отфрлање. Двете книги се обиди да се опише неискажливото од малку поинакви позиции. Ни едната ни другата не се книги со упатства, а двете предлагаат различен агол на размислување за глумата и театарот“, посочува Донелан, кој додава и дека никогаш не сакале да создадат теорија или метод или да основаат театар за да го применат тоа. Туку напротив, двајцата се сомничави кон која било теорија и четириесет години избегнуваат некоја претходна теорија да фрли сенка меѓу нив и нивната работа.
„Се фативме себеси како продолжуваме да ѝ се навраќаме на истата тема: важноста на просторот – за што зборува оваа книга“, ќе додаде Донелан, испраќајќи предупредување до актерите дека како и во „Актерот и целта“ и во „Актерот и просторот“ „ништо не е точно, но се надева дека ќе им биде корисно“. Издавач на книгата „Актерот и просторот“ е Театар Комедија, а преводот е на Бисера Бендевска.
Инаку, Донелан и Ормерод деновиве во Театар Комедија одржаа и работилница за македонските режисери и актери. (Н.И.Т.) Фото: Ѕ. Плавевски