Живее во Мелбурн, а славеничкиот концерт го одржа во родната Битола, заедно со специјалните гости: Благоја Грујовски, Наум Петрески, Даниела Темелковска, Дарко Филиповиќ… Најсилен аплауз на тој концерт доби за песните „Старата авлија“, „Кабадаја“ и, секако, за „Стариот боем“Македонскиот пејач што ја испеа песната „Стариот боем – која е негов најголем хит – и е млад и по годините и по духот, Јошка или Јошката Николче, иако замина да живее во Мелбурн, сепак, не ја заборава родната Македонија. Си ја носи во душата. Своите 30 години успешна кариера ги прослави на славенички концерт во својата Битола, на познатото ракометно игралиште, на кое концерти имаат големите музички (екс-ЈУ) ѕвезди. Публиката беше одлично расположена, а Јошка уште пораспеан, како и неговите специјални музички гости: Благоја Грујовски, Даниела Темелковска, Наум Петрески, Гоце Петрески-Бананата, Дејан Цуле од „Дрим тим“, Димитар Митревски (маестро на хармоника), Гордана Костоска, „Модус“ и „Инструментал бенд“. За хуморот меѓу песните беа задолжени од „Солза и смеа“.
Меѓу учесниците, секако, беше и големата српска музичка ѕвезда, Дарко Филиповиќ, како ексклузивен гостин. Со настапот, воедно тој ја потсети публиката на победата во шоуто „Ѕвездите на Гранд“. Испеа неколку песни, а соработката меѓу Јошка и него е од поодамна. Имаат заеднички настапи не само таму, во Австралија, туку и овде, на Балканот, минатото лето во Будва, на црногорскиот јадрански брег.
Атмосферата на битолскиот концерт беше фантастична, каква што ретко се случува на фолк-настаните. Со многубројните свои обожаватели, Јошка ги пееше песните што не се заборавени, а најсилен аплауз доби за „Старата авлија“, „Кабадаја“ и, секако, за „Стариот боем“. Така што, честопати, поради боемскиот живот, него го споредуваат со славниот Тома Здравковиќ, кој важеше за крал на ваквите песни и на ваквото пеење. Сè на сè, распеана летна вечер што долго ќе се памети и прераскажува. Концертот е снимен од кабелската „Балкан мјузик Tелевизија“ и веќе имавме можност да го проследиме на нејзината фреквенција. Дел од средствата беа донирани за Битолските пожарникари!
Инаку, освен што знае да ужива и додека работи, бидејќи си ја сака својата професија на музичар-пејач, тој ужива за сите пари и кога одмора. Не жали да потроши за да си го направи ќеифот. Секогаш се води од онаа мисла дека овој живот нема реприза. Во право е! Овој пат беше во рајот на егзотичните Малдиви, каде што ги наполни батериите за новите настапи. – На секој што е во можност, искрено му препорачувам да дојде на Малдивите. Не напразно зборуваат луѓето дека кога ја делел Господ убавината на Земјината топка, најдарежлив бил таму, на тие Рајски острови. Јас фантастично си поминав. Природата е како од бајките, а здравата морска храна нешто како од најдобрата кујна.
Меѓутоа, најпријатно бев изненаден кога се потрудија домаќините да ме оставаат едно утро без зборови. Ме честеа за појадок со македонското традиционално јадење, ајварот, намачкан на мали парчиња леб, заедно со овчо беровско сирење и со чаша црвено македонско вино. Се најдов во емотивна состојба. Ми поминаа пеперутки низ телото, па спонтано им го испеав рефренот од нашата патриотска „Заветна… кај што тонеш, ти извираш“, и тоа под старото македонско знаме – емотивно раскажа за весникот ВЕЧЕР популарниот македонски пејач, кој на своите популарни настапи, покрај народни, пее и забавни (македонски) мелодии.
Дуле Миќиќ / фото: приватна архива