Познати се полуфиналистите за петте традиционални годишни награди кои ги доделува Друштвото на писателите на Македонија. Членовите на анонимните жири-комисии кои решаваат за добитниците ги избрале насловите што влегуваат во полуфиналниот круг. Така, од 17 дела во трка за наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело објавено во 2025, избрани се осум наслови: „Ќе помине и моќта“ од Ирена Јурчева („Три“); „Каде леташ, Јулија?“ од Хана Корнети („Или-или“); „Единаесет проверени начини како да ја заебеш љубовта“ од Драгана Лукан Николоски („Чудна шума“); „Зара Зарина“ од Лилјана Пандева („ПНВ публикации“); „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска („Арс Ламина“); „Арагон“ од Михајло Свидерски („Антолог“); „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска („Арс Ламина“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Три“).

Од 16 кандидати за наградата „Ацо Шопов“, пак, за најдобра поетска збирка објавена минатата година, во полуфиналниот круг влегуваат осум наслови: „Царски рез на небото“ од Даниела Андоновска-Трајковска („Матица“); „Скршена тишина“ од Елизабета Бандиловска („Бата прес милениум“); „Со една четка два зајака“ од Владимир Мартиновски („Арс Ламина“); „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски („Арс Ламина“); „Видение на седумте реки: сенки и морници“ од Зоран Пејковски („ПНВ публикации“); „Чувари на малите нешта“ од Ана Пејчинова („Или-или“); „Записи на идниот старец“ од Братислав Ташковски („Макавеј“) и „Вообразби (лирски етиди од некој друг свет)“ од Бранко Цветкоски („Макавеј“).

Од вкупно 13 дела пријавени за наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади објавена лани, во полуфиналниот круг влегуваат седум наслови: „Тринаесеттиот“ – Лидија Димковска („Три“); „Мали приказни за големи сонувачи“ од Владо Димовски („Поинтер“); „Илина и тајните на Бабин заб“ од Хана Корнети („Или-или“); „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски („Арс Ламина“); „Стапка по стапка, од Дојран до Попова Шапка“ од Васил Мукаетов („Панили“); „Додо, вонземјанинот и мачорот“ од Фросина Пармаковска (самиздат) и „Орден и значки“ од Стојан Тарапуза („Панили“).

За наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга есеи во 2025 година конкурираат четири дела и тие воедно се сметаат за финалисти: „Филмско око“ од Игор Анѓелков („Или-или“); „Час по незадолжителна лектира“ од Весна Мојсова-Чепишевска („Матица“); „Враќањето на Орфеј“ од Сузана В. Спасовска („Полица“) и „Книжевни созвучја и огледала“ од Елизабета Шелева („Сивејан“).

За наградата „Мост“, која Друштвото на писателите на Македонија ја доделува за книга објавена на некој од јазиците што ги зборуваат заедниците во Македонија, пријавени се три дела: „Embsuame Paskajore” („Инфинитивна поука“) од Ахмет Селмани („Академска мисла“); „Pronicanje tišine” („Проникнување на тишината“) од Љерка Тот Наумова („Академска мисла“) и „Аtdheu: burrë pa grua” („Татковината: маж без жена“) од Каљош Челику (Сојуз на писатели Албанци на Македонија).

Во наредните денови, жири-комисиите ќе гласаат за делата што ќе влезат во најтесен избор. Финалистите за наградите „Стале Попов“, „Ацо Шопов“ и „Ванчо Николески“ ќе бидат познати на 3 февруари, додека добитниците на сите пет награди ќе бидат соопштени на прес-конференција на 10 февруари. Наградите ќе бидат врачени на 13 февруари 2026, кога ДПМ ќе одбележи 79 години постоење.

ИЗДВОЕНИ