„Единаесет проверени начини како да ја заебеш љубовта“ од Драгана Лукан Николоски („Чудна шума“), „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска („Арс Ламина“), „Арагон“ од Михајло Свидерски („Антолог“) и „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска („Арс Ламина“) се во финалето за наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело во 2025 г., која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. Во финалниот круг за наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ, за најдобра поетска збирка во 2025 г., пак, влегуваат „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски („Арс Ламина“), „Чувари на малите нешта“ од Ана Пејчинова („Или-или“) и „Вообразби (лирски етиди од некој друг свет)“ од Бранко Цветкоски („Макавеј“). Избрани се и финалистите за наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ, за најдобра книга за деца и млади објавена во 2025 г., а тоа се: „Тринаесеттиот“ – Лидија Димковска („ТРИ“), „Илина и тајните на Бабин заб“ од Хана Корнети („Или-или“) и „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски („Арс Ламина“).

Сите четири пријавени дела за наградата „Димитар Митрев“ на ДПМ се сметаат за финалисти: „Филмско око“ од Игор Анѓелков („Или-или“), „Час по незадолжителна лектира“ од Весна Мојсова-Чепишевска („Матица“), „Враќањето на Орфеј“ од Сузана В. Спасовска („Полица“) и „Книжевни созвучја и огледала“ од Елизабета Шелева („Сивејан“). За наградата „Мост“ за книга објавена на некој од јазиците што ги зборуваат заедниците во Македонија, пријавени се следните три дела:

„Embsuame Paskajore” („Инфинитивна поука“) од Ахмет Селмани („Академска мисла“), „Pronicanje tišine” („Проникнување на тишината“) од Љерка Тот Наумова („Академска мисла“) и „Atdheu: burrë pa grua” („Татковината: маж без жена“) од Каљош Челику („Сојуз на писатели Албанци на Македонија“).

Добитниците ќе бидат соопштени на 10 февруари, а врачувањето е на 13 февруари кога ДПМ ќе одбележи 79 години од своето постоење.

ИЗДВОЕНИ