Позната авиокомпанија воведува бесплатен Wi-Fi на своите летови

49
pexels

Француската национална авиокомпанија „Ер Франс“ е првата голема европска компанија што им нуди на патниците бесплатен и брз Wi-Fi во текот на летовите, без оглед на класата. Се очекува оваа услуга наскоро да стане стандард во воздушниот транспорт поради зголемената конкуренција.

Бесплатен брз интернет моментално е достапен на пет авиони, а до крајот на годината, 30% од флотата ќе биде опремена со оваа услуга. Целта е целата флота да биде покриена со оваа услуга до крајот на 2026 година.

Брзиот Wi-Fi е достапен за сите патници и овозможува истовремено поврзување на повеќе уреди. Патниците можат да следат вести во реално време, да стримуваат филмови и серии, да играат видео игри или да комуницираат со семејството и пријателите. Пристапот до интернет е обезбеден преку сметка „Flying Blue“, а новите корисници можат да ја отворат бесплатно за време на летот.

„Имплементацијата е спроведена во соработка со Starlink, лидер во сателитската поврзаност, што обезбедува стабилна и брза интернет конекција со минимално задоцнување“, се вели во соопштението.

Во текот на преодниот период, патниците на летовите кои сè уште ја немаат оваа услуга можат да користат бесплатен пакет за пораки доколку се членови на програмата „Flying Blue“, додека за другите опции ќе мора да платат за интернет. За патниците со статус „Flying Blue Ultimate“ и „La Premiere“, интернетот секогаш ќе биде бесплатен, соопшти Ер Франс.

ИЗДВОЕНИ