
Министерството за внатрешна безбедност на САД објави дека агентите на таа служба го уапсиле познатиот мексикански боксер Хулио Сезар Чавез Помладиот и дека неговата депортација од територијата на САД е во тек.
Министерството ја објасни (не)популарната одлука со фактот дека полициската потрага по Чавез е активирана во Мексико, поради негова вмешаност во организиран криминал и шверц со оружје.
– Под водство на претседателот Трамп, никој не е над законот, вклучително и познатите спортисти – изјави заменик-министерот Триша Меклафлин.
Чавез Помладиот (39) ја освои светската титула во средна категорија на WBC во 2011 година и успешно го држеше појасот 15 месеци. Последната борба ја имаше пред само пет дена, кога загуби од јутјуберот Џејк Пол во скапа интернет егзибиција, па го уништи својот рекорд на 54-6-1.
Чавез беше суспендиран двапати, поради неуспех на допинг-тест.